Независниот театар „Златен Елец“ влезе во четвртата година од своето постоење

Претстава „Кенди“ на Театар „Златен Елец“ / Фотографија: Стефан Самандов

Во 2020 година првите одиграни претстави на независниот театар „Златен Елец“ беа дел од ретките културни збиднувања за време на ковид-пандемијата. Во јули истата година, театарот ја имаше единствената премиера и изведба на театарска претстава после неколку месеци во Македонија, и на Балканот, воопшто, односно својата прва претстава „Не ми го чепкај пивото!“ во режија на Ѓорѓи Ризески.

Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје оваа година ќе заокружи четиригодишно постоење. Досега театарот има 18 претстави и уште неколку други проекти. Основачи на Театар „Златен Елец“ се актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова.

Овој роденденски месец, веќе во недела, на 18 февруари, ќе почне со најновата претстава за деца „Чудесниот напиток“, авторски проект на Надица Петрова (во 13 часот во „Јавна соба“ – Скопје), а вечерта на репертоар е монодрамата „Пингвинот“, авторски проект на режисерката Тамара Стојаноска (во 19 часот во Кафе и филм „Котур“ – Скопје).

Потоа на 26 февруари, во театарот во Велес, ќе се одржи третата изведба на претставата „Добри луѓе“ во режија на Тамара Стојаноска, а на 28 февруари во „Јавна соба“ актерката Надица Петрова ќе настапи со нејзината стендап комедија „Не се курчи!“. Истата вечер во Прилепскиот театар ќе се одигра четиринаесеттата изведба на претставата „Грета“.

Примарна цел на овој театар е развојот на независната сцена на овие простори како место за сите невработени актери кои сакаат да творат независно, поттикнувајќи се од ситуацијата со театарот и културните работници во Македонија.

– Финансиската поддршка, можеби, е најголемиот проблем со кој се соочуваме. Институциите што финансираат најчесто не го гледаат потенцијалот на овој театар зашто досега само еднаш имаме добиено државни пари на име на театарот, во 2021 година. Досегашното искуство со независниот театар ни вели дека Македонија е жедна за театарот, за „новиот“ театар кој уште подиректно ѝ се обраќа на публиката денес. Кога гостуваме со било која претстава, без разлика дали е за деца или возрасни, топлината на луѓето што доаѓаат на претставите во внатрешноста на државава е посебна и заслужува подеднаков третман како и публиката во Скопје. Заинтересираноста е голема и тоа е она што не тера да се вратиме секогаш во било кој град со друга претстава – истакнуваат од „Златен Елец“.

Монодрамата „Дневникот на лудиот“ на фестивалот „Актерот на Европа“ во Ресен (2020) ја доби наградата за најдобар актер (Преспански Дионис), а две години подоцна актерката Димитрина Мицковска Трајковска освои награда за најдобра актерка на фестивалот на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино за претставата „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска.

Минатата година, дуодрамата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска освои две награди: за најдобра независна македонска продукција на фестивалот „Млад отворен театар“ Скопје, наградата „Биш“, и на фестивалот на дуодрама во Неготино, главната награда „Бранко Ѓорчев“ за најдобра партнерска игра за актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ.

– Досега сме играле насекаде низ Македонија, а сме биле и на два меѓународни фестивали во Турција и во Србија. Сакаме да изразиме особена благодарност до сите соработници, а најмногу до институциите и објектите кои ни отстапуваат простор за да ги работиме и играме претставите – додаваат од „Златен Елец“.

Во текот на оваа година, и покрај неодобрените средства од Министерството за култура, независниот театар ќе бара начин за реализација на новите проекти кои има во план да ги работи. Во чест на наградата „Биш“ од минатата година, годинава театар „Златен Елец“ треба да подготви претстава за фестивалот МОТ 2024 во соработка со Младинскиот културен центар во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот