Неуморниот писател Васил Мукаетов во сите свои песни навива за децата

Васил Мукаетов со својата нова книга „Има ли и страна петта?“

Светот на децата, нивното растење, нивните палавости, мудрости, емоции и разни ситуации, се инспирација за неуморниот писател Васил Мукаетов, кој на 4 април во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“ ја промовираше својата нова книга „Има ли и страна петта?“.

Промотори на изданието беа Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс ламина“, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, одделенската наставничка Владанка Д. Миче и долгогодишниот пријател на Мукаетов, Мишо Китаноски.

Извадоци од книгата интерпретираше познатата актерка Снежана Конеска Руси. Со стихови од неговата песна „Зошто да се пишува“, писателот објасни зошто своето творештво им го посветува на најмладите.

– Оваа година одбележувам 30 години од објавувањето на мојата прва книга за деца. Драго ми е што голем дел од моето творештво го посветив на доближување на творештвото на мојот книжевен идол, Марко Цепенков, со новите генерации. Исто така ми е задоволство што пишувам за нив, најважните читатели, децата. Се инспирирам од секојдневната дружба со тие умни глави. Внимателно ги слушам децата што кажуваат, а нивните мудрости, досетки и бисери прераснуваат во најинтересни стихови.

Многу е важно да ги слушаме децата што кажуваат, така ќе ги разбереме полесно. Во сите мои песни навивам за сите деца. Детето додека е мало е безгрешно, дури и кога ќе направи беља. Детето треба да се сака повеќе со срце отколку со рака. Вистината е на децата да им попуштаме, но и да ги советуваме – рече Мукаетов, кој сподели многу интересни ситуации и разговори со децата и со своите внуци, од кои подоцна произлегле неговите песни.

Промоција на книгата за деца на Васил Мукаетов

Кон новата книга и творештвото на Мукаетов се осврна проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, која истакна дека авторот, во својата повеќедецениска работа, „постојано се обидува да биде во ритамот на новото дете, со секоја нова збирка прави посвета на новите генерации деца“.

– Преку стиховите, децата учат кои се нивните права, желби, но и обврски. И за големата филозофија, дека целиот живот е постојана лекција и дека секое дете и возрасен секојдневно учи. Дел од песните се вистински мали лекции или толкувачи на помалку познати зборови. Кај одредени песни книгата може да се чита како поимник во речник и како неофицијален учебник. Таа низ игра и јазична организација ги објаснува поимите, како архаични одамна извадени од употреба, но и нови што ги препознаваат децата, или ги открива тајните на природата, ги учи на сообраќајна култура, песнички-приказни за поими од секојдневниот живот, но и од географијата и историјата, односно македонската традиција и култура. Авторот умешно ги вметнал познатите бајки и басни во стиховите, како приказните за Мравката и Штурецот или за Зајакот и Желката. Притоа, создава нови свои поетски басни. Ги опфаќа и емоциите што детето го возбудуваат и го вознемируваат, но и стравот со кој се соочуваат – рече Мојсова-Чепишевска.

Едукативната димензија на делата на Мукаетов, од агол на практичар, ја долови Владанка Д. Миче, одделенска наставничка во ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Скопје, додека Мишо Китаноски во своето обраќање го истакна значењето на Мукаетов во литературата за деца во нашата земја.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 226, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот