Неправна држава

Марин Гавриловски

За нашите деца има надеж дека некогаш, можеби, ќе живеат во средена држава, во која системот ќе функционира, политичарите ќе сносат одговорност за своите постапки, криминалците ќе одговараат пред законот, а студентите прво ќе научат, па ќе ги добиваат своите дипломи. За жал, таа држава нема да се вика Македонија.

Не така одамна македонската јавност беше скандализирана од однесувањето на тројцата први луѓе на М-НАВ (државна институција одговорна за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај) кои одбиваа да ги признаат резултатите од селекцијата на кандидати за идни контролори на летање извршена од страна на непристрасната странска агенција, од причина што на листата избрани кандидати не се наоѓале и пулените на преставниците на ДУИ кои сметале дека тие, а не оние кои ги поминале строгите тестирања, треба утре да се грижат за безбедноста на нашиот цивилен воздушен сообраќај.
Колку треба да си глупав (особено ако се има предвид дека токму тие државни функционери од ДУИ, помеѓу другите, со отпочнувањето на преговорите со ЕУ ќе треба пофреквентно да патуваат на бројните состаноци во Брисел) и наместо оние високоспособни избрани кандидати кои успешно ги поминале сите строги и меѓународно утвредни тестови и критериуми, на нивно место да ги протежираш оние кои не биле во можност да го поминат ниту првиот (најлесен) елиминационен тест. Како да ќе патува со авион некој друг, а не Али Ахмети, Бујар Османи или Артан Груби. Ако треба и ќе се гине, ама нивните деца да ги навигираат летовите кои можеби и нема да стигнат на целта.
По острата реакција на стручната и јавноста воопшто, тројцата директори (еден Македонец и двајца Албанци) си ги „подвиткаа опашките“ и ги потпишаа документите за да овозможат избраните кандидати да ги отпочнат обуките во странство и како што вели старата мудрост, секое чуда за три дена, ние веќе заборавивме дека овој, животно загрозувачки скандал се случил, а директорите , без никаква санкција или пак одговорност, продложија да си ги добиваат на своите трансакциски сметки дебелите плати од буџетот на државава, како ништо да не било.
И кога мислевме дека тоа е врвот на јавашлукот и самоволието на претставниците на партијата која е најдолго на власт од осамостојувањето на државава, бевме изненадени (или можеби не) од веста дека повеќе од 400 студенти на Универзитетот на Југоисточна Европа со седиште во Тетово (популарно наречен Штулов универзитет) се стекнале со дипломи за високо образование од правна струка, без за тоа да ги исполнат со закон утврдените услови. Значи не 4, не 40 туку (со зборови) повеќе од четиристотини! студенти од кои, верувам, повеќето заседнале во топлите административни фотељи арчејќи ги парите кои ние, даночните обврзници ги даваме како давачки кон државата, обезбедувајќи им нив плати, без при тоа да ги исполнуваат критериумите за да се стекнат со такви дипломи.
За работата да биде уште посложена, дел од нив продолжиле со тие дипломи да аплицираат односно да полагаат стручни ислити, како што е на пример правосудниот испит и да бидат примани како кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители, обука која е неопходна за едно лице да може да биде избрано за судија или јавен обвинител. За скандалот да биде уште поголем, еден од кандидатите кои нелегално се стекнале со диплома е и синот на спикерот на македонскиот парламент Талат Џафери, кој не само што аплицирал за полагање на правосудниот испит со нелегална диплома, туку, според извори од Министерството за правда, добил и одобрение од министерот, иако не ги исполнувал условите пропишани за полагање на правосудниот испит, а поврзани со времето потребно за стажирање, да може и без тој услов да го полага правосудниот испит.
Дали по ова може некој, особено оној кој има легална диплома од Правниот факултет, рационално да ја изанализира оваа ситуација задржувајќи го при тоа елементарното ниво на домашно воспитание?
Со огромна доза на самоконтрола ќе се обидам да го направам тоа, како тој настан да се случил во некоја далечна земја, чија состојба воопшто лично не ме засега.
Одговорноста првенствено треба да се подели, и тоа во два сегмента, едниот е моралната односно политичката одговорност, а другиот противзаконското делување, кое може да се маинфестира како граѓанска, кривична или прекршочна одговорност, и тоа одговорност на поединците и одговорност на институцијата, односно институциите вмешани во скандалот.
Кога е во прашање моралната, односно политичката одговорност, во нормалните земји, еден час по објавувањето на скандал од вакви размери, највисоко рангираните политички функционери, приватно или службено засегнати, ќе свикаат пресконференции на кои на јавноста ќе и ги соопштат своите неотповикливи оставки. Првенствено, тоа би требало да го направат претседателот на македонскиот парламент и министерот за образование. Во (ќе повторам) нормалните земји (Македонија одамна не ја карактеризирам како таква) врвните политички претставници треба да се пример за тоа како треба да се почитуваат правилата и при најмала девијација да си ја понесат својата морална и политичка одговорност, да си поднесат оставки и засекогаш повлечат од јавниот и политичкиот живот.
Кога станува пак збор за кршењето на законите и тој вид одговорност, во јавноста се создаде атмосфера дека сите институции низ кои продефилирале овие кандидати се одговорни за тоа што дипломите биле издавани „без покритие“. Јас не се согласувам со тој став. Имено, самото прекршување на законите и прописите потекнува единствено и само од универзитетот, односно факултетот кој ги издал дипломите, а за тоа немал право бидејќи не биле исполнети законските услови за тоа. Значи главно, кривичната, граѓанската и прекршочната одговорност треба да се лоцира кај првите луѓе на оваа високообраовна инстутиција како и оние одговорни за административните работи.
Тоа треба да резултира со повикување на одговорност на овие лица, одземање на акредитациите на факултетот и можеби на целиот универзитет, строга контрола и ревизија на другите факултети во склоп на УЈИЕ, со цел да се утврди дали и таму имало неправилности во работењето и поништување на сите подоцна добиени дипломи или сертификати на сите кандидати кои без завршено образование се стекнале со нив, а немало законски и други услови да ги стекнат. Јас не гледам одговорност на другите институции, како на пример Министерството за правда или Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи тие не се истражни органи кои треба да ја проверуваат веродостојноста на доставените документи од страна на кандидатите, туку едноставно да ги прибираат тие документи и доколку се доставени во бараната форма (најчесто нотарски заверени копии) истите да ги прифаќаат. Оттука, не може да се бара одговорност од вработените во минстерството или во академијата, тоа само е разводнување на одговорноста која може јасно и прецизно да се лоцира.
Но, да се вратиме во реалноста. Во жална Македонија одговорноста веќе не е ни мисловна именка. Зборот одговорност воопшто не ни постои во вокабуларот на македонските политичари, а уште помалку пак во вокабуларот на претставниците на ДУИ. Од таа партија, никој и никогаш не бил повикан на одговорност, а нивната безгрешност е ставена на пиадестал повисок и од Уставот на државава.
И токму поради сето ова, кога со мојата ќерка, која оваа година ќе матурира, разговарав за тоа дали да тргне по стапките на нејзините родители и да се запише на некој од правните факултети во државава, од мене доби совет да не го прави тоа. За нас постарите е веќе доцна, заглавени сме до гуша во оваа тиња од држава која никогаш повеќе нема да може да се нарече правна токму поради огромниот процент на неказнивост и катастрофалното функционирање на системот, како судскиот така и државниот. Но, за нашите деца има надеж дека некогаш, можеби, ќе живеат во средена држава, во која системот ќе функционира, политичарите ќе сносат одговорност за своите постапки, криминалците ќе одговараат пред законот, а студентите прво ќе научат, па ќе ги добиваат своите дипломи. За жал, таа држава нема да се вика Македонија.

Авторот е адвокат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот