Немање на стратегија за сајбербезбедност ги прави државите ранливи на хибридни напади

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Главната цел на хибридните напади меѓудругото е да влијаат врз јавноста или процесите, кои се значајни за донесувањето на клучни одлуки а сето тоа во ера на дигитално живеење најлесно се прави токму преку ширење на дезинформациите во јавноста преку нетрадиционалните медиуми и социјалните мрежи

Најплодна почва за хибридните закани се демократиите во развој но и оние држави каде што политичките поделби се очигледни. Нивната цел меѓудругото е да влијаат врз јавноста или процесите, кои се значајни за донесувањето на клучни одлуки а сето тоа во ера на дигитално живеење најлесно се прави токму преку ширење на дезинформациите објавени во нетрадиционалните медиуми и на социјалните мрежи.

Вака накратко експертите и познавачите на состојбите на оваа проблематика ги коментираат и дефинираат овие модерни закани за човештвото кои доминираат на интернет просторот а за кои за жал ниту една земја во светот не е имуна да се заштити самостојно.

Дека граѓаните се засегнати од оваа состојба која може да влијае и на безбедноста во државите во регионот говорат две одделни истражувања изготвени на иста тема а публикувани неодамна.

Едното на Фондацијата Конрад Аденауер и второто на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) во сублимиран заклучок велат дека граѓаните од државите од регионот вклучително и Македонија се загрижени од хибридните закани кои истовремено влијаат и на самата безбедност на државата. Двете истражувања посочуваат дека регионот изминатиот период е подлежен на зголемена динамика на ширење на невистини но и зголемен број на сајбер-напади особено кон државните институции.

Организираниот криминал по хибридните закани и дезинформациите најголем проблем за Македонија

Истражувањето именувано „Меѓународни предизвици 2023“ подготвено од Фондацијата Конрад Аденауер и направено врз група испитаници во Северна Македонија на кои им биле засебно поставувани прашања за безбедноста, наведува дека речиси скоро 83 проценти од анкетираните стравуваат дека лажните вести можат да влијаат врз нивната сигурност но и општо кон безбедниот апарат на државата. Малку по низок процент односно 79 отсто од анкетираните граѓани се со став дека хибридните закани исто така се голем проблем за општеството а испитаниците се уверени и во тоа дека тие во најголем број се прават од страна на други држави кон земјава.

Овие загрижувачки податоци кои влијаат врз размислувањата на граѓаните во земјава наведени во документот се дополнуваат и со високите 92,3 проценти на испитаниците кои велат дека врз безбедносните состојби во државата покрај хибридните закани и ширењето на дезинформации има удел и организираниот криминал во земјава.

Банкарските системи, институциите и личните податоци на граѓаните се најчести мети на хакерите на Балканот

Од друга страна Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) во своја анализа на оваа тема вели дека напливот на сајбер напади, ги принуди балканските земји да ја подобрат своите капацитети за одбрана од сајбер криминалот.

БИРН мапираше 40 случаи и собра податоци за значајни сајбер напади насочени кон биометриката и загрозување на дигиталниот индентитет на граѓаните во различни сектори во Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Косово и Србија, држави кои доживеаја забележителен раст на сајбер напади изминативе месеци. Како што наведува истражувачката мрежа, вештите лица со технологијата односно хакерите најчесто при нападите ги применуваат техниките на „фишинг мејлови“ и барање откуп од надлежните за враќање на украдените податоци од институциите.

Бојан Стојковски долгогодишен новинар кој бил дел од истражувањето на БИРН за „Слободен печат“ вели дека хакерските напади на Балканот имаат заеднички именител за сите држави а тој е да се наруши довербата во институциите а со тоа и демократијата.

– Голем број од хакерските напади кои се случија во последната година покажаа дека последиците можат да ги нарушат финансиските системи, да ги парализираат владините операции и активности, како и да компромитираат сензитивни и лични податоци на голем број граѓани, а како резултат сето ова ја поткопува довербата на македонската јавност во државните институциите – вели Стојковски.

Тој објаснува дека свеж пример на хакерски напад кој ја парализираше неодамна државата е случајот со македонскиот фонд за здравство.

– Како што покажа и неодамнешниот случај со ФЗОМ, потребен е само еден напад за да се предизвика целосен колапс на здравствениот систем на пример. Секој дополнителен хакерски напад пак открива и нов проблем во инфраструктурата за сајбер безбедноста во земјата. Недостатокот на одговор против ваквите хакерски закани пак ја нагласува и итната потреба за властите да почнат да работат на зајакнување на сајбер безбедноста и што поскоро да ги засилат своите капацитети – објаснува Стојковски.

Дополнително истражувањето на БИРН посочува дека банкарските системи, државните институциите и личните податоци на граѓаните се најчести мети на хакерите во земјите на Балканот.

Недостасува државна стратегија за заштита од модерните закани

Мане Пиперевски е извршен директор на „Сајбер плус“ и експерт за сајбербезбедност со 15 години искуство во оваа област во неколку наврати за „Слободен печат“ посочува дека на државите од регионот им недостасува стратегија за сајбербезбедност која ќе ги превенира хакерските напади, дезинформациите и ширењето на странските пропаганди преку интернет.

-Општеството се движи во правец на дигитализацијата која започна пред две децении. Оваа дигитализација предизвикува миграција на општествените сервиси кои се нешто што обезбедува добивка за државата и за граѓаните. Затоа многу е битно сите сервиси во општеството што се дигитализираат да бидат изградени на три столба. Првиот столб е да биде лесно за користење, вториот столб е функционалноста на системот и третиот столб е безбедноста на дигиталните средства. Проблемот што настанува кај нас со трите столбови е поради тоа што не се гледаат како континуиран процес, туку се набавува софтвер, се поставува се прави концепт на дигитализација и сервисот влегува во употреба, дигитализацијата е процес што подразбира рамка и утврден стандард или закон според кој ќе биде обезбедуван – рече Пиперевски.

Тој дополнува дека потребна е целосна компатибилна и комплементарна законска регулатива за да се постигне безбедносно обезбедување и сигурност.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот