Нема толкав пазар колку што се изродија банки во земјава

Илустративна фотографија/ Profimedia

Во 2004 година имало 21 банка во Македонија, а оттогаш списокот постојано се истенчува и сега имаме 13 банки. Девет банки се во претежна странска сопственост, од кои пет се подружници на странски банки.

Продолжува процесот на окрупнување на банкарскиот сектор. Од некогашните 21 банка, стигнавме до 13 банки, а во најава е уште едно присоединување. Според експертската јавност, неопходно е да се одржи некаква оптимализација на бројот на населението со бројот на банките, а процесот на окрупнување на банките носи и поголема конкуренција и битка за клиенти, со што се нудат поповолни банкарски услови.

Од Стопанска банка Битола преку Берзата стигна веста дека ја разгледува можноста за присоединување кон Комерцијална банка.

„Во оваа рана фаза постапката не претставува намера за присоединување и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамките на претходна постапка да се стекнат информации, врз чија основа би се дефинирала евентуална намера за присоединување во иднина. Вистинската длабинска анализа ќе биде спроведена по донесувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните Собранија во 2024 година“, соопшти Стопанска банка Битола, која деновиве прослави 75 години постоење.

Потоа речиси идентично соопштение преку Берзата пушти и Комерцијална банка, потврдувајќи дека и таа ја разгледува можноста за присоединување на Стопанска банка АД Битола кон себе и исто така потенцирајќи дека „во оваа рана фаза постапката не претставува намера за присоединување и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер“.

Според објавените податоци на официјалната страница на Стопанска банка Битола (состојба од 31.12.2022 година), Пелистерка АД Скопје заедно со поврзаното лице „Тимокс“ ДОО Скопје има 21,85 отсто од вкупниот број обични акции. Во Комерцијална банка, пак, „Адора инженеринг“ и поврзани фирми имаат учество од 14,99 проценти во вкупниот капитал.
Последното окрупнување во банкарскиот сектор се случи во 2019 година кога Групацијата Шпаркасе стана сопственик на Охридска банка. Спојувањето го поздрави и Меѓународниот монетарен фонд, кој посочи дека е значајно и позитивно окрупнувањето на банкарскиот сектор во земјава. Истата година и Комерцијална банка преку Берзата соопшти дека ја разгледува можноста за стекнување акции издадена од Еуростандард банка, но како и сега, извести дека станува збор за намера, а не за обврзувачка информација. Како што е познато, до вакво спојување не дојде, а пред три години Народната банка извести дека ѝ ја одзема лиценцата за работа на Еуростандард банка.

По стечајот на Еуростандард банка, денеска во Македонија работат 13 банки. Девет банки се во претежна странска сопственост, од кои пет се подружници на странски банки, пишува во извештајот на Народната банка.

Во 2004 година во Македонија имало дури 21 банка. Тогашната споредбена анализа што ја подготви Народната банка покажала дека Македонија меѓу 16-те земји во транзиција се наоѓа на второто место според бројот на банки на милион жители, и тоа укажувало на недоволен степен на консолидација на банките. Но, од друга страна, имало висока концентрација во банкарскиот сектор, при учество од 55,9 проценти на двете најголеми банки, додека 12-те мали банки располагале со само 13,9 проценти од вкупната актива.
По 10 години, во 2014 година, во Македонија имало 15 банки, а тогашниот гувернер Димитар Богов децидно изјави „нема место за 15 банки“. Оваа негова изјава дојде по присоединувањето на Поштенска банка кон Еуростандард банка.

И сега големата банкарска тројка: Комерцијална банка, Стопанска банка – Скопје и НЛБ банка имаат големо учество со своите активи во вкупната актива на банкарскиот сектор. Последниот извештај на Народната банка за банкарскиот сектор се однесува за периодот заклучно со 30.6.2023 година. Според извештајот, овие три најголеми банки заедно имаат актива од 6,4 милијарди евра, а вкупната актива на банкарскиот сектор е 11,3 милијарди евра.

Комерцијална банка има најголема актива од 2,5 милијарди евра и низ годините константно го држи првото место како најголема банка. Активата на Стопанска банка Битола е 198,5 милиони евра. Комерцијална банка има пласирано бруто-кредити од околу 1 милијарда евра, а на нејзината сметка има депонирано околу 2,2 милијарди евра. Стопанска банка Битола, пак, има пласирано кредити во износ од 115,4 милиони евра, а кај неа се депонирани 133 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот