Нема договор со раководството на М-НАВ, контролорите ќе штрајкуваат на 12 октомври

М-НАВ Контрола на летање/Фото: МИА

Тоа значи дека од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на аеродромите во Скопје и Охрид. Во исто време ќе се опслужуваат само 50 отсто од прелетите над нашата земја, додека другите ќе не заобиколуваат

Доколку денес до 16 часот не добијат писмена согласност за нивните барања од директорите на М- НАВ, контролорите на летање ќе ја остварат најавата и на 12 октомври ќе стапат во штрајк, информира за „Слободен печат“, Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори за летање. Тоа значи дека нема да се опслужуваат воздухоплови на аеродромите во Скопје и Охрид.

Во исто време ќе се опслужуваат само 50 отсто од прелетите над нашата земја, додека другите ќе не заобиколуваат. Изминативе денови имало интензивните разговори меѓу синдикалците и раководството на М-НАВ, како и ветување дека ќе се потпише рамковна спогодба за барањата на контролорите, но тоа не се реализира.

Инаку, како што претходно беше најавено е поради непрофесионалното однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, а на кои се укажувало долго време, а за проблемите го информирале и Министерството за транспорт и врски.

-Да престане хаотичното однесување и да се однесуваат професионално, а контролата на летање да си го добие своето место и во рамки на балканските контроли на летање и во Европа. Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа се користи како изговор пак за дополнителни вработувања – на почетокот на месецов изјави за МИА, Тасевски.

Едно од барањата на Синдикатот на контролори на летање е и да се ангажира надворешна фирма што ќе врши анализа за тоа кои служби и кадри се потребни, а која во иднина би била поткрепа при, како што велат, неоснованите постапки од страна на раководството.

Контролорите за летање реагираат и за застарената опрема која, како што велат, откако е инсталирана во 1999 година, досега само се одржува, иако треба да се менува на секои седум години. Поради ваквата состојба на опремата, како што укажа претседателот на Синдикатот, годинава биле воведени рестрикции и не биле прифаќани поголем број на авиони за прелет.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот