Неколку илјади згради во Скопје имаат управители, а само шест инспектори да ги држат под „контрола“

Градоначалниците имаат обврска да назначат општински инспектори за домување, но голем број општините тоа сѐ уште не го направиле, иако со назначување инспектори за домување во сите урбани општини, а посебно во општините во Градот Скопје значително ќе се подобри квалитетот на домувањето во колективните станбени згради.

Доколку имаат некаков проблем со управителите на зградите во кои живеат, скопјани едноставно нема кому да се пожалат. Проблемите со кои се соочуваат не можат да ги упатат до Регулаторна комисија за домување затоа што таа е задолжена за издавање и за одземање на лиценците на фирмите што сакаат да управуваат со зградите, но не врши надзор врз нивната работа. Законски, за ова се задолжени инспекторите за домување што треба да ги има секоја општина.

За жал, вакви инспектори нема во секоја општина. Во цело Скопје ги има само шест, и тоа по еден во Карпош, Центар, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром и во Чаир. Колку и да се тие искусни и квалитетни, едноставно не можат да одговорат на поплаките на граѓаните на територијата на нивните општини, а за жителите на Ѓорче Петров, Бутел, Сарај и Шуто Оризари, каде нема инспектори, единствена шанса да се справат со лошиот управител е работата да ја тераат на суд.

Многу забелешки имаат граѓаните на управителите на кои им ја дале довербата да се грижат за своите згради. Неискречени влезови, нефункционални влезни врати, искршени сандачиња за пошта, стари лифтови, покрив што прокиснува, се само дел од проблемите со кои се соочуваат станарите на старите згради за кои очекуваат дека управителите ќе ги решат.

– Нашиот управител освен што собира пари од станарите секој месец, ништо друго нема направено во зградата. Барем влезот да го искречеа или да се погрижеа за хигиената како што треба. За некој поголем зафат за подобро функционирање на зградата, воопшто не станува збор. Кога ќе предложиме нешто ни викаат, соберете потписи од мнозинството станари, па најдете мајстор, па ние после ќе се договориме со него. Ако ние сами за сѐ треба да бараме мајстори, да собираме понуди и слично, што ќе ни е управител? И кому да се пожали човек? – објаснува жител на Тафталиџе.

На потребата од поголем број инспектори и на улогата на општината како главна алка во спроведувањето на Законот за домување, беше укажано на тркалезната маса на тема „Закон за домување, негова примена и надзор, улогата на локалната самоуправа и измени и дополнувања на Законот за домување“, која ја организираше Регулаторна комисија за домување и на која присуствуваа претставници од неколку релевантни институции.

Како што беше нагласено на тркалезната маса, градоначалниците имаат обврска да назначат општински инспектори за домување, но голем број општините тоа сѐ уште не го направиле, иако со назначување инспектори за домување во сите урбани општини, а посебно во општините во Градот Скопје значително ќе се подобри квалитетот на домувањето во колективните станбени згради.

Неодамна, на прашањето зошто нема инспектор за домување во Општина Ѓорче Петров, оттаму ни беше одговорено дека според правилникот за систематизација на работните места од октомври 2019 година, кој сѐ уште е во важност, не е предвидено вакво работно место.

Инспектор за домување нема ниту во Општина Бутел, а инспекцискиот надзор во однос на управувањето со станбените згради, како што ни соопштија од Бутел, го вршат инспектори од Државниот комунален инспекторат.

Во однос на Законот на домување, веќе подолг период се  работи на негови измени и дополнувања. Претседателот на Регулаторната комисија за домување Зоран Маџовски најави дека очекува до мај годинава законскиот текст да влезе во владина процедура, а потоа да биде донесен од Собранието. Со предложените измени и дополнувања треба да се доуредат одредени прашања, кои со постојниот Закон не се целосно регулирани.

Инаку, податоците на Регулаторна комисија покажуваат дека од 2011 година до декември 2022 година бројот на станбени згради што се управувани од лиценцираните управители изнесува 4.829 или вкупно 114.014 станови и деловни простории, додека заедниците на сопственици управуваат со 2.655 стана.

Од 2011 година до денес Регулаторната комисија за домување издала вкупно 123 лиценци на фирми за управување со заедничките делови на зградите. Во меѓувреме, на голем број лиценцирани фирми им престанала важноста на лиценцата поради повеќе фактори меѓу кои и одземање лиценца поради непочитување на законот за домување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот