Некои приказни немаат крај: Легендата за Фреди живее и 28 години по неговата смрт

„Фреди Меркјури почина пред 28 години и уште е најдобриот вокал на сите времиња“, ова беше првата реченица која утринава ја прочитав на социјалните мрежи, по повод годишницата од смртта на поранешниот фронтмен на британската рок група „Квин“.

И по речиси три децении од неговата смрт, ако денес отворите Гугл, Твитер или пак Фејсбук, и го напишете името Фреди Меркјури, ќе ви излезат бројни пораки преку кои многу музичари, актери, но и политичари и обични луѓе одново и одново се збогуваат од Фарок Булсара.

Бројни видеа од неговите последни моменти од животот, од неговиот последен роденден, од негови најголеми хитови и многу други занимливости поврзани со контроверзниот живот на најдобриот вокалист на сите времиња, секоја година на овој ден интензивно кружат на интернет.

На 24 ноември 1991 година, на возраст од 45 години, славниот пејач почина откако неговата здравствена состојба се искомплицира, како резултат на тоа што бил ХИВ позитивен.

Без разлика на тоа што годините поминуваат, за Фреди, сѐ повеќе и повеќе се зборува.

Доказ за тоа се и последните две години, во кои неговите најверни обожаватели повторно имаа прилика да се радуваат на неговото неисцрпно музичко наследство.

Во 2018 година актерот Рами Малек „се реинкарнираше“ во Фреди Меркјури во филмот „Боемска Рапсодија“. Рами, толку многу се соживеа со ликот, што дури откако протекоа видеа на „Јутјуб“, од негови настапи во филмот и вистински настапи на Фреди во живо, целата таа сличност меѓу нив делуваше дури и помалку морбидно.

Филмот направи вистински бум насекаде ширум светот, а Рами Малек за својата фасцинантна улога беше награден со Оскар!

Една година подоцна, следуваше ново уживање за љубителите на музиката на „Квин“ и Фреди, кога беше објавена песната „Time waits for no one“.

Станува збор за „изгубена“ песна на Фреди од деведесеттите години, пронајдена во 2017 година, која беше објавена пред пет месеци.

Во песната доминира неговиот страшен вокал, преку кој на еден начин Фреди повторно им одржа музичка лекција на сите актуелни пејачи во денешно време.

И покрај бурниот приватен живот проследен со многу забави, дроги, и други контроверзи, на приватен план Фреди беше и до крај остана истраен на она што тој секогаш знаеше дека ќе биде – легенда.

„Јас нема да бидам рок ѕвезда, јас ќе бидам легенда“, е една од неговите најпознати мисли и моја омилена изрека, преку која ја чувствуваме неговата неверојатна доза на самодоверба.

Раскошниот вокал му донесе кариера за каква што многумина сонуваат, а остануваат отворени прашањата што ќе се случеше ако Фреди беше сè уште жив, но, кога ќе дојде ваков ден, годишница од негова смрт или роденден, јасно е дека неговиот позитивен дух никогаш нема да згасне.

Како што годините одминуваат, така се појасно станува дека некои приказни едноставно имаат само почеток, а не и крај, бидејќи легендата за Фреди и натаму продолжува да живее.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот