Некои „бизнисмени“ сметаат дека се недопирливи

Фото: Profimedia

Владата ги објави имињата на 179 компании кои добиле помош од 5,2 милиони денари преку антиковид мерките, но парите не им ги исплатиле на работниците. Списокот, главно се состои од фирми со 1 до 5 вработени, а единствена поголема е битолската градежна фирма „Мак строј“ со 12 вработени.

Најголемиот дел од фирмите добиле по 14.500 денари, а помал дел добиле по 21.770 денари. „Слободен печат“ се обиде, но не доби конкретен одговор на прашањето – зошто некој би ризикувал да биде кривично гонет за 14.500 денари!? Единствениот, но неофицијален став на повеќето мали трговци, пилјари, аптекари и фризери, со кои разговаравме, е дека навистина е голем ризик да се впушташ во вакви малверзации, но секогаш ќе има луѓе што си мислат дека ќе поминат неказнето.

– Го разгледав објавениот список. Станува збор за фирми во кои газдата е единствен вработен. Верувам дека ако се проконтролира нивното финансиско работење, ќе се види дека на нивните сметки нема промени за подолг период, што значи дека се во „сивата зона“ – велат нашите соговорници.

На прашањето, што ги тера луѓето да се изложуваат на кривично гонење, одговорот е дека секогаш ќе постојат луѓе што нема да работат чесно. Отпаѓа и можноста фирмите да зеле пари да прогласиле банкрот. Сметководители за „Слободен печат“ велат дека нема шанси за такво нешто.

– За да се ликвидира фирмата, таа треба три години по ред да нема поднесено завршна сметка. Процедурата е подолга и опфаќа контроли од сите институции. Треба да се каже дека дел од газдите сами аплицираа за помош и потпишуваа изјава дека доколку не ги исплатат платите ќе бидат кривично гонети, така што беа сосема свесни во што се впуштаат. Од друга страна, помошта за октомвриската плата некои фирми ја добија дури вчера, бидејќи се исплаќаше на рати, така што е можно да доцнат, но сепак да ја повлечат платата – е објаснувањето што го добивме од сметководителите. Но, нашите соговорници се многу поразочарани од фактот што државата си дозволи по четврти пат да биде „предриблана“ од газдите!?

Сојузот на синдикати на Македонија, прв испрати критика.

– Загрижува и фактот што голем дел од овие така наречени ,,газди“ се истите оние што на предлог на ССМ беа јавно објавени дека ја злоупотребиле и првата финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април, мај и јуни, и против кои се поведени соодветни кривични постапки, нешто што никако не смеело да се дозволи да се случи – соопштија од ССМ. Барањето на ССМ, финансиската поддршка да се исплати директно на сметките на работниците, беше одбиено со образложение дека системот на УЈП не можел да го спроведе тоа?!

Владата го објави списокот: Еве кои фирми не исплатиле плата на вработените и покрај финансиската поддршка

На работодавачите што користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата доставени се опомени за неисплатена плата, по што следува постапка на присилна наплата на платата. Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза, за октомври, ноември и декември 2020 година, во ваков случај предвидува глоба за сторен прекршок во износ од 500 до 1.000 евра за микро правно лице, од 500 до 2.000 евра за мало правно лице, од 1.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за средно правно лице и од 1.000 до 10.000 евра за големо правно лице.

Работодавачите не се опаметија: 179 фирми што добиле помош пак не дале плата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот