Нека ни е со среќа Албанската нова година

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Новата година православните верници ја слават на 14 јануари, ние ја викаме и Василица, а Србите си ја слават како Српска нова година. Тоа е одлична заменка за средбата во Тирана. Не српска, туку албанска, се разбира. И не мора да е на 14 јануари, туку нека биде баш на 10-ти, за да се запази регуларноста

А најавите беа спектакуларни зашто многумина тврдеа дека албанскиот премиер Еди Рама ги повикува лидерите на албанските партии на состанок Тирана за да ја подготви новата Платформа на Албанците, како напредна верзија за федерализација на Македонија.

Џабе беше демантот на премиерот Димитар Ковачевски, кој кажа дека не знае за што ќе се разговара на албански јазик во Тирана, но беше сигурен дека федерализацијата на земјава не е на дневниот ред.
Петар Богојески од „Македонски концепт“ отиде дотаму со тврдењата, тврдејќи дека средбата во Тирана е резултат на руската агентура за дестабилизација на Македонија и на регионот. Опозицијата побрза да каже дека Рама е во обид да го спаси СДСМ и договара голема предизборна коалиција, која под мотото на „проевропска ориентација“ заедно треба да настапи на наредните парламентарни избори.

Единствено Бујар Османи беше во право, кој на еден ден пред фамозната средба, во манир на добро информиран министер за надворешни работи предвиде дека состанокот во Тирана нема да биде ништо повеќе од една новогодишна забава. Така и бидна. Со тоа што забавата беше тапа. Рама им даде на албанските политичари пиење по избор, одржа здравица, а помеѓу две голтки на гладно се разговараше за европската иднина на Албанија и на Македонија. Подосадно здравје. Значи, немало карти на Голема Албанија, фолклорни друштва, разголени танчарки, пукање од калаши, тепање по автобуси, значи ништо. Или ништо од тоа што сме навикнати да го гледаме на „журките“ на партиите чии лидери во вторникот беа во Тирана.

Добро, точно е дека самата определба за европска иднина на Македонија го толкуваат како притисок во нашата јавност за отворање на Уставот и вметнувањето на Бугарите во највисокиот законодавен акт на Македонија. Ама тука нема лутење, бидејќи и половина од македонските пратеници во Собранието се подготвени да го поддржат менувањето на Уставот, без што преговорите со Европската Унија ќе се прекинат или воопшто нема да започнат, зависи од аголот како тоа се толкува.

Значи, слободно може да констатираме дека средбата во Тирана не го оправда епитетот на втора Тиранска платформа, ниту некого посебно потресе, туку во иднина може да ја ословуваме како новогодишна забава. Или можеби како постновогодишна забава, или честитање во пресрет на Стара нова година. Да, Новата година православните верници ја слават на 14 јануари, ние ја викаме и Василица, а Србите си ја слават како Српска нова година. Тоа е одлична заменка за средбата во Тирана. Не српска, туку албанска, се разбира. И не мора да е на 14 јануари, туку нека биде баш на 10-ти, за да се запази регуларноста. Па тогаш честитките нека одат во стилот „нека ни е среќна Албанската нова година, многу здравје среќа, бериќет и успех во животот“ итн.

Е, на крајот морам да кажам и дека воопшто не се согласувам со ваквиот тип средби, кои по дефиниција предизвикуваат голем немир во македонското општество. Веројатно никој нема особено да се вознемири доколку Рама дојде во Македонија, па по средбата со нашиот државен врв да седне на заедничка средба и со албанските политичари. Веројатно темата на разговорот и атмосферата ќе биде иста, но на тој начин албанскиот премиер ќе покаже гест на почитување кон нашата држава.

Ваквиот начин на комуникација меѓу албанските политичари од двете земји многумина го толкуваат и како грубо мешање во внатрешните работи на Македонија, за што, секако, можат да се пронајдат и голем број објективни аргументи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот