
Нека избере Европската комисија судски совет и обвинители, само нека ги тргнат овие – контра – предлог на Мицкоски
Нека дојде Европската комисија и нека избере Судски совет и обвинители, само нека ги тргнат овие. Со ваков контра – предлог излезе премиерот Христијан Мицкоски откако во годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото за 2025 година се најдоа неговите најави за „робусни акции“ против судиите и обвинителите, заканите за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, интерпелациите против членови на Судскиот совет, постапката што ја почна Владата за разрешување на републичкиот јавен обвинител.
Препорачано
– Нека дојде Европската комисија и она нека избере судски совет и обвинители, еве со нив ќе работиме. Само нека ги тргнат овие, еве не мора јас да работам ништо само овие нека ги тргнат, тие нека ги изберат. Еве бидејќи ние не знаеме, се мешаме, ќе се повлечеме само овие нека ги тргнат. Секоја седница на судски совет е скандал до скандал, еве тие нека ги одберат, ние не се мешаме – рече Мицкоски коментирајќи ги наводите на извештајот во кои децидно беше нотирано мешањето на другите власти во судската власт.
– Јас се повлеков. Гледате дека ништо не правиме. Изгласавме интерпелација, тие со рејтинг два посто си продолжија со по две три илјади евра да го трошат буџетот на ваш грб. Толку имаат тие два проценти. Јас кога би имал два процента рејтинг јас би си отишол сам. Јас немам моќ со сила да ги натерам да си заминат од таму. Сега ќе чекаме да им поминат мандатите и да им ги замениме со некои нови. Ние во меѓувреме правиме измени во законските решенија кои се дел од планот за раст и реформската агенда и таквите треба да завршат до крајот на оваа година. Следна недела имам состанок со министерот за правда да направиме еден пресек до каде сме. Имаме многу законски решенија кои се во изработка и да почнеме еден по еден полека да ги усвојуваме во парламентот. Истото е и со обвинителот. Рејтингот им е во промили, 0,1, 0,2, 0,5. Ако зборуваме за правда и ако тие мислат дека овие луѓе треба да донесат правда, јас не знам кој жив човек во Македонија верува дека тие може да донесат правда – рече Мицкоски и излезе со контра-предлогот до ЕК.
Завчера беше објавен годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото и во него се нотираше сериозна загриженост за независноста на судството.
– Мешањето и притисокот од другите државни власти предизвикуваат сериозна загриженост во врска со почитувањето на судската независност. Иницијативите презентирани од Владата како цел за справување со корупцијата во голема мера се фокусираа на преземање „робусни мерки“ против судството, што во некои случаи предизвика сериозна загриженост во врска со почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на властите. Ова е особено случај во однос на најавите од највисоко владино ниво за плановите за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на обвинители. По јавните изјави од владини функционери што постојано повикуваа на разрешување на членовите на Судскиот совет, во март 2025 година, Парламентот гласаше за интерпелациите против петтемина членови на Судски совет – се вели во Извештајот.