Недовербата во вакцините и слабиот имунитет ја засилуваат пандемијата во Кина

Кина ковид/ Фото: Sujata Chowdhury / Alamy / Alamy / Profimedia

Кинеските власти ги потврдија првите нови смртни случаи од ковид-19 во изминатите неколку недели, но јавноста е убедена дека има многу повеќе од двајца починати, а експертите предупредуваат дека ќе има многу повеќе жртви, особено во очекуваните три зимски брана на пандемијата, како и во целата 2023 година.

Националната здравствена комисија потврди дека починале двајца пациенти од ковид. Тоа се првите жртви по 3 декември. Во декември се намалија и бројот на новозаразени лица и бројот на починати, но тоа не значи дека пандемијата стивнува, туку е последица на новите правила на регистрирање на случаите и делумното разлабавување на строгата политика „нула ковид“. За да ги смират нередите поради масовните колективни изолации, властите престанаа да ги евидентираат случаите на зараза кога пациентите немаат симптоми, ги укинаа задолжителните тестирања за критични групи и повеќе не наметнуваат колективни карантини во средините со нови случаи.

Но, новите критериуми не придонесуваат за да се добие реална слика колку е силен ударот на пандемијата врз Кина, неколку месеци откако во другите делови од светот беа укинати речиси сите превентивни мерки.

Наспроти официјално двата потврдени случаи, репортери на Ројтерс од Пекинг јавија дека забележале многу сандаци и луѓе во заштитна облека пред центарот во кој вообичаено се кремираат жртви од ковид-19, но не им било потврдено дали луѓето починале од вирусот. Според официјалните податоци, во изминатите три години откако заразата се појави во Вухан и набрзо прерасна во пандемнија, во нацијата со повеќе од 1,44 милијарда жители од ковид-19 починале 5.237 заразени лица, речиси двојно помалку отколку во Македонија со 2 милиона жители.

Здравствени експерти укажуваат дека строгата политика „нула ковид“ придонесла за ограничување на пандемијата и за мал број на заразени и починати лица, но долгорочно предизвикала проблеми, бидејќи така се спречило создавање природен колективен имунитет. Во исто време не било посветено доволно внимание на масовната ревакцинација, поради што без заштита останало голем процент од населението, особено во критичните категории и во внатрешноста.

Според официјалните податоци, стапката на вакцинација во Кина е над 90 отсто, но процентите на ревакцинирани лица се ниски – само 58 отсто од полнолетните граѓани и 42 отсто кај оние на возраст над 80 години. Анализи укажуваат дека ниската стапка на ревакцинација во комбинација со укинатите превентивни мерки може да придонесат за неконтролирано ширење на вирусот и за 1,5 милион смртни случаи во првата половина од 2023 година. Со таков црн биланс Кина би ги надминала САД како земја со најмногу починати луѓе од ковид-19 и би се приближила до вкупниот број смртни случаи во цела Европа (1,97 милион).

– Јасно е дека официјалниот биланс опфаќа само дел од реалниот број случаи. Тоа можеби е последица на намалениот капацитет на властите ефикасно да го следат развојот на ситуацијата на теренот, поради намалениот број тестирања, а можеби е и резултат на свесни напори да се спречи ширење паника пред очекуваните нови бранови – изјави за Ројтерс Јанџонг Хуанг, специјалист за глобално здравство при американскиот Совет за надворешни односи.

Главниот кинески епидемиолог Ву Ѕунју во саботата предупреди дека Кина веќе е погодена од првиот од трите зимски брана на пандемијата на ковид-19. Првиот бран е резултат на укинувањето на строгите мерки за изолација. Вториот се очекува спроти прославата на Лунарната нова година на 21 јануари, кога стотици милиони Кинези традиционално ќе патуваат низ земјата за да ги прослават празниците во семејна атмосфера. Третиот бран Ву го очекува во февруари, кога празниците ќе завршат и луѓето ќе се вратат на работните места.

втор скок на заразени кога жителите масовно ќе се вратат во нивните региони од празниците за лунарната Нова година во јануари. Третиот бран на зарази, според проекциите на Ву, ќе биде од февруари до средината на март кога луѓето ќе се вратат на своите работни места.

Тој ја бранеше стратегијата на властите, забележувајќи дека ако ја напуштеле политиката „нула ковид“ пред една година, во земјата ќе имало 250.000 смртни случаи.

По укинувањето на задолжителните тестирања, никој не верува дека новиот официјален биланс на новозаразени го отсликува нивниот реален број. На 17 декември биле регистрирани 2.097 случаи на заразени со изразени симптоми, а на 18 декември 1.995 случаи.

Новиот бран е значително посилен и може само да се нагаѓа колку тој ќе се одрази на забавувањето на економскиот раст. Вредноста на акциите на кинеските компании и на јуанот се во благ пад во однос на доларот поради зголемената загриженост на инвеститорите дека поддршката од владата нема да го амортизира ударот од пандемијата врз втората најголема еконимија во светот. Некои компании веќе објавија дека привремено ги затвораат своите погони, особено во Пекинг и во Шангај, каде што ударот на новиот бран е најсилен.
Без ефект се и иницијативите за зајакнување на колективниот имунитет преку вакцинирање, кое во Кина не е задолжително. Во пекиншкиот кварт Шиѓингшан здравствени патроли оделе од врата до врата на адресите на повозрасните жители за да ги вакцинираат. Многумина, сепак, одбиваат да бидат имунизирани поради недоверба во ефикасноста на вакцините. Властите дозволуваат имунизација само со вакцини произведени од домашните фармацевтски компании.

– Кинескиот случај е многу специфичен, бидејќи луѓето долго време беа убедени дека се побезбедни отколку жителите на другите земји. Сега им е тешко да прифатат колку е важна ползата од вакцините – вели Стефани Жан-Цанг од хонконшкиот Баптистички универзитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот