Неделков од СОНК: На наставниците не им менува ништо што наставата ќе заврши на 17 јуни

Јаким Неделков, претседател на СОНК/Фото: Слободен печат

Синдикатот на образованието и науката не се произнел пред Министерството за образование и наука кога МОН им побарал став за календарот за организација на наставата за следната учебна 2023/24 година, според кој наставата ќе заврши на 17 јуни и ќе има пролетен распуст од 29 април до 5 мај 2024 година. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека МОН им ги доставил предлозите за календарот за учебната годна и тие како СОНК ги разгледале, ама не донеле став затоа што не се надлежни за такви прашања.

– Советот на СОНК одлучи да не се произнесе дали е за или е против која и да е од понудените опции, затоа што ние немаме законска надлежност во организацијата на наставата и на учебната година, тоа е надлежност на МОН. Исто така, сфативме дека во секоја од понудените варијанти ќе има наставници на кои календарот нема да им одговара од некој аспект, па од овие причини решивме да не се впуштаме во одлуката. И онака таа одлука не менува ништо значајно во работата на наставнците, затоа што наставниот кадар е во училиштата отприлка до 10 јули, а по одморот со работа почнуваме на 15 август – вели Неделков за „Слободен печат“.

Тој додава дека во МОН разгледувале и понудиле три опции. Едната е учебната година да почне подоцна, без пролетен распуст и да заврши на 12 јуни. Втората опција е оваа што сега е прифатена, со пролетен распуст од пет дена, а третата опција е да се продолжи како и досега.

Неделков немаше прецизна информација дали пролетниот распуст ќе биде на фиксна дата секоја година или ќе се ускладува со велигденските празници. Следната пролет, во рамките на петте предвидени дена за пролетен распуст има и два неработни дена, 1 Мај, Денот на трудот, што е државен празник и Велики петок, неработен ден за православните христијани.

– Не е мудро да се поврзуваат неработните денови за Велигден со пролетниот распуст. Ние не знаеме дали овој датум е фиксен или ќе се менува секоја година во зависност од велигденските празници. Но, не би требало да се планира според празниците, зато што тие денови си се празници  и онака ни се неработни денови – вели Неделков.

Во врска со тоа дали е разумно да се работи со ученици со 17 јуни, со оглед дека во училниците нема разладување, а често се и по 30 деца во одделение или клас, Неделкови вели дека тоа е релативно, оти и во септември е топло.

Владата вчера на предлог на МОН усвои Календар за организација на учебната 2023/2024 година, според кој, за прв пат во македонското образование се воведува пролетен распуст.

– Согласно одлуката, почетокот на учебната година е 1 септември, а првото полугодие треба да заврши на 29 декември 2023 година. Од 30 декември 2023 година учениците ќе користат зимски одмор, при што почетокот на второто полугодие е предвиден за 22 јануари 2024 година. Во периодот од 29 април до 5 мај учениците ќе бидат на пролетен распуст. Учебната година ќе трае до 17 јуни – соопшти Владата.

Надлежните не наведоа повеќе детаљи и не навлегоа во образложување на одлуката, освен дека се воделе по примерот на европските држави каде учениците имале пролетни распусти, како и дека пролетниот распуст ќе важи и за наставниците.

Денеска на социјалните мрежи граѓаните дискутираат за оваа одлука и наведуваат позитивни и негатвни страни. Оние кои не се согласуваат велат дека во јуни е претопло во училниците, дека децата во тоа време веќе одат во кампови, на летувања итн. Негодуваат и што во пролетниот распуст од пет дена и онака има два неработни дена, дека пролетниот распуст нема да заврши на 5 мај затоа што на 6 мај е државен празник, втор ден Велигден, а 17 јуни следната година се паѓа во понеделник. Оние кои се согласуваат сметаат дека е добро што празничните денови за Велигден и 1 мај нема да се распекани, туку ќе има еден поврзан одмор од седум календарски дена.

„Слободен печат“ испрати повеќе прашања до МОН за да ја објаснат подетаљно одлуката која е од висок јавен интерес затоа што директно засега стотици илјади семејства и кога одговорите ќе пристигнат, ќе ги објавиме. Го прашавме МОН врз основа на кои параметри ја донеле одлуката за воведување на пролетен распуст, дали секоја година тој распуст ќе биде од 29 април до 5 мај или календарот ќе се менува во зависност од Велигден, врз основа на што е продолжена учебната година до 17 јуни, дали Дали МОН се консултирал со други институции, како на пример УХМР или Институтот за јавно здравје, дали се очекува да влијае врз здравјето на учениците тоа што ќе мора да одат на настава во топли денови, во училници без разладување, а во руралните средуини, често и без уредени санитарни чворови и безбедна вода за пиење итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот