Неделава ќе се „плафонираат“ и пет-шест видови зеленчук

Овошје и зеленчук / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Во изминатите 5 дена, се извршени 500 инспекциски надзори, од нив 160 се според одлуките на Владата. Констатирани се 6 прекршоци а издадени се платни налози во вредност од 750 илјади денари, брифираше Горан Трајковски, директор на ДПИ

Цените на пет-шест видови зеленчук ќе бидат замрзнати оваа недела, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Анализите од Министерството за земјоделство се доставени до Министерството за економија, стручниот тим работи и се чекаат само извештаите за увозните цени и разликата во маржите од Царинската управа, за да се добие детална слика, соопшти Бектеши. Од него и информацијата дека утре на седница на Владата ќе се замрзнат цените на еден сет хигиенски производи (вклучително и тоалетната хартија и влошките), но датумот не беше соопштен за да не дојде до некои шпекулативни активности од трговците.

-Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски прозводи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре – истакна Бектеши.

Бектеши, премиерот Димитар Ковачевски, во придружба на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, денеска по третпат беа во „инспекциска контрола“ на еден маркет за да видат како се спроведуваат владините одлуки за замрзнувањето на цените.

-Пред претстојните празници се зголемува продажбата на храна и ние како Влада настојуваме сите да можат да си дозволат да купат повеќе. Ги замрзнавме цените на лебот, тестенините, јајцата, а следува можно намалување на цените на овошјето и зеленчукот. Мора да обезбедиме рамнотежа на пазарот. Владата им помагаше на производителите за време на пандемијата, а сега очекуваме тие му вратат на народот и да ги намалат цените – рече Ковачевски.

Во изминатите 5 дена, се извршени 500 инспекциски надзори, од нив 160 се според одлуките на Владата. Констатирани се 6 прекршоци а издадени се платни налози во вредност од 750 илјади денари, брифираше Горан Трајковски, директор на ДПИ.

-Нема да ги објавиме јавно имињата на трговците кои ги прекршија мерките, се додека не заврши процесот оти се работи за комплексни случаи. Забележавме непочитување на мерките, забележавме намалување на грамажата на замрзнатиот леб, забележавме дека и покрај квотите нема доволно стока на рафтовите – објасни Трајковски.

Владата на 21 март, ја замрзна цената на јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата останаа на нивото од 15-ти овој месец и ќе важат до 30 април. Претходно Владата ја замрзна и цената на 33 денари на белиот и на полубелиот леб од 450 грама, а Министерството за земјоделство, веќе достави анализи до Министерството за економија и за цените на овошјето и зеленчукот

Купувале поевтини јајца од маркет, а ги препродавале поскапо на пазар

Дел од пазарџиите деновиве купувале поевтини јајца и ориз по маркетите, а потоа ги препродавале на зелените пазари (килограм ориз за 120 денари, а една табла јајца за 350 денари), обелодени министерот за економија Крешник Бектеши. Тој им се закани на ваквите итромани дека инспекцијата е постојано на терен и се следат ваквите обиди.

-Во регионот има голема побарувачка на јајца, затоа ги замрзнавме цените и поставивме квоти по маркетите. Но, некои пазарџии си купуваат во трговијата, а потоа ги изнесуваат на тезге и вадат екстра профит. Да не ги лаже умот, секој ваков обид ќе биде санкциониран – рече Бектеши и им се заблагодари на новинарите што ги сигнализираат ваквите негативности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот