НБ ги претстави макроекономските проекции пред меѓународната заедница

Народна банка на РСМ
Народна банка / фото: НБРСМ

Проекциите на Народната банка за темпото за закрепнување на македонската економија и за инфлацијата се многу блиску до проекциите на меѓународните финансиски институции и Европската комисија, било истакнато на состанокот што Народната банка вчера го имала со претставници на меѓународните институции и дипломатскиот кор.

Проекциите на Народната банка се економски раст за годинава од 3,9 проценти, додека ММФ и Европската комисија предвидуваат раст од 4 проценти, а Светска банка од 4,6 проценти. Во однос на инфлацијата, за оваа година, проекциите на Народната банка се 3,1 процент, што е идентично и со проекцијата на ММФ и слично на проекцијата на Европската комисија од 3,3 проценти, а Светската банка проектира умерено пониска инфлација од 2,4.

Состанокот, како што соопшти Народната банка, се одржал преку видеоконференциска врска, а на него присуствувале претставници на  Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Обединетите нации (ООН), Програмата за развој на ООН  (УНДП), Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), како и на дипломатските претставништва на Унгарија, Чешка, Украина, Словачка, Бугарија, Соединетите Американски Држави (САД), Кина, Германија, Словенија, Грција, Романија, Швајцарија, Шпанија и Косово.

Ризиците од здравствената криза

Во презентацијата, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска посочила дека макроекономското сценарио и ризиците околу него и овојпат се условени пред сѐ од натамошните случувања поврзани со здравствената криза, нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство и актуелната енергетска криза.

Гувернерката се осврнала и на очекувањата за натамошен солиден кредитен и депозитен раст. Како што посочила, се очекува кредитна активност на банкарскиот сектор, којашто ќе го поддржи закрепнувањето на економијата. Според проекциите, кредитната поддршка оваа година ќе изнесува 7,1 процент и постепено ќе забрза достигнувајќи околу 8 проценти на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите.

– Претставувањето на макроекономските проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните финансиски институции е редовна практика, а имајќи ги предвид околностите со пандемијата, по третпат се одржа преку видеоконференциска врска, информираат од Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот