Фото: pexels-olly

Науката докажа дека гушкањето помага против болка, страв и депресија

На луѓето им е потребен физички контакт за да останат здрави, а пријатниот допир и гушкањето помага и при болести: ја ублажува болката, депресијата и стравот. Тоа го потврдува и науката, пишува „Саенс алерт“.

Според резултатите од студијата, од мета-анализа на податоците на повеќе од 10.000 луѓе, научниците дошле до заклучок дека допирите генерално имаат позитивен ефект врз здравјето – под услов тие да бидат заемно прифатени и пријатни, се наведува во текстот.

Истражувачите од Бохум, Дуизбург, Есен и Амстердам покажаа дека допирот е особено ефикасен во ублажувањето на болката, депресијата и стравот.

Фото: pexels-olly

Невробиолошкото објаснување е следново: Делот од мозокот каде се обработуваат кожните сензации е директно поврзан со амигдалата, позната и како центар на страв на мозокот – областа каде што стравовите се појавуваат и се обработуваат. Допирот го намалува ослободувањето на хемикалии кои предизвикуваат стрес.

„Тоа е дел од чувството на удобност и релаксација“, вели професорот Мартин Корте, невробиолог од Техничкиот универзитет во Брауншвајг.

Исто така, пријатниот допир на кожата го намалува ослободувањето на хормоните на стресот адреналин и норадреналин – луѓето се смируваат, пулсот се забавува, а притисокот мерливо опаѓа.

Допирот е особено важен за предвремено родените бебиња. Нивните органи за дишење се сè уште недоволно развиени и нивното дишење може да престане до 20 пати во еден час. Помага допир на стапалата или по должината на ‘рбетот – и бебето повторно почнува да дише.

Во одделението за интензивна нега за предвремено родени бебиња во болницата Асклепиос на северот на Хамбург, тим од лекари под раководство на педијатарот и специјалист за интензивна нега, д-р Сузана Шмитка, прави сè за да не дојде до вакви проблеми со дишењето.

Фото: pexels-jonathanborba

Најважно е дека, секогаш кога е можно, децата се во прегратките на мајката или таткото, наместо во инкубатор – иако тоа носи одредени ризици за предвремено родените бебиња кои се поврзани со медицински помагала со бројни црева.

Овој концепт на ран и чест контакт со бебиња, кои често тежат само неколку стотици грама, значително го намали бројот на итни случаи. „Очигледно е дека ваквата ситуација го стабилизира ритамот на дишење кај бебињата, па тие дишат многу подобро “, забележува д-р Шмитке.

Контактот кожа на кожа дополнително ја зајакнува врската помеѓу родителот и детето. Познат е методот „кенгур“ кој подразбира носење на новороденчето што е можно поблиску до телото. Во првите недели и месеци, интензивните допири со детето ги поставуваат темелите за здрав раст – и физички и психички.

„Докажано е дека лежењето со часови на кожата на родителите го подобрува животот на бебињата“, вели д-р Шмитке. Блискиот контакт, исто така, им овозможува на децата да добијат заштитни бактерии од кожата на нивните родители. Дополнително, допирот и контактот со родителите помагаат да се развие здрав цревен микробиом – добри бактерии, габи и вируси – во раните фази од животот.

Мета-анализата на истражувачите од Бохум, исто така, покажува дека бебињата и малите деца имаат најздрава корист од контактот со нивните родители – контактот со персоналот во болниците не бил толку ефикасен.

Кај возрасните, вели психологот и автор на студијата Џулијан Пахајзер, не е толку важно дали допирот доаѓа од познати или непознати лица, на пример за време на масажа. Клучот е да се активира лачењето на хормонот „гушкање“ – окситоцин.

Фото: pexels-cottonbro

„Се додека тој хормон се лачи, допирот секогаш има позитивен ефект врз здравјето. И хормонот почнува да се лачи веќе по 15 до 20 секунди на допир.“ Тоа не мора да биде масажа од 20, 30 или дури 60 минути – што многу луѓе дури и не можат да си ја дозволат. Поважна од должината е зачестеноста на допирот.

Разгалување не чини, вели невробиологот проф. Мартин Корте. „Затоа што мозокот ја пренесува моторната програма потребна за самодопир до малиот мозок, што потоа ја намалува активноста во соматосензорниот кортекс“.

Од друга страна, допирите од роботи, полнети играчки или перници докажано имаат позитивен ефект, иако не толку силни како човечките допири.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот