Фото: Pexels

Научниците велат: Сирењето можеби е виновник за нашите ноќни мори

Тегобите што се појавуваат кај лица кои се чувствителни на млечниот шеќер лактоза, како што се болки во стомакот или гасови, можат да влијаат на спиењето, особено во текот на ноќта. Разбирањето на таа поврзаност и евентуалното исклучување на сирењето од исхраната би можело да помогне во подобрување на квалитетот на спиењето, пишува „Индепендент“.

Ова е особено важно бидејќи добриот сон е клучен за нормално функционирање на телото, а кај многумина тој веќе е нарушен поради бучава, светлосно загадување или други здравствени проблеми.

„Интензитетот на ноќните мори е силно поврзан со нетолеранција на лактоза и други алергии на храна. Новите сознанија укажуваат дека промена во прехранбените навики кај луѓето кои се чувствителни на одредени намирници може да ги ублажи ноќните мори. Тоа, исто така, би можело да објасни зошто луѓето толку често ги обвинуваат млечните производи за лоши соништа“, изјави доктор Торe Нилсен, водечкиот истражувач од Универзитетот во Монтреал.

Истражувањето било спроведено на повеќе од илјада студенти од Универзитетот Макјуан во Канада, кои одговарале на прашања поврзани со навиките во исхраната, сонот и можното влијание на храната врз нивниот сон.

Приближно една третина од испитаниците пријавиле чести ноќни мори. Поголемиот дел од нив биле жени, кои, според истражувањето, почесто се сеќаваат на своите соништа и двојно почесто од мажите пријавуваат алергии или нетолеранција на храна.

Четириесет отсто од студентите верувале дека оброкот навечер или внесувањето одредена храна има влијание врз нивниот сон, а една четвртина сметале дека одредени намирници можат да го влошат. Најчесто биле посочувани зачинетата храна, слатките и млечните производи – меѓу кои спаѓа и сирењето. Сепак, само мал број испитаници – околу пет отсто – рекле дека храната влијае врз тоа што го сонуваат.

Оние со понездрава исхрана имале почести кошмари и поретко се сеќавале на соништата.

Авторите на студијата, објавена во списанието „Граници во психологијата“, откриле значајна поврзаност помеѓу лошиот квалитет на сонот, гастроинтестиналните тегоби и нетолеранцијата на лактоза.

„Ноќните мори се поизразени кај луѓе кои се чувствителни на лактоза, кај оние со изразени стомачни тегоби и кај лица кои имаат нарушен сон“, додал доктор Нилсен, појаснувајќи дека тоа е логично бидејќи и други телесни сензации можат да влијаат врз содржината на соништата.

Истражувачкиот тим забележал дека повисоката свесност за нетолеранција на храна можеби влијаела дел од студентите да избегнуваат храна која може да предизвика негативни последици.

Претходно истражување, исто така спроведено од доктор Нилсен, покажало дека уште поголем број луѓе пријавуваат поврзаност помеѓу храната и соништата.

Некои други истражувања укажуваат дека одредени видови сирење, особено таканареченото сино сирење, предизвикуваат живописни соништа. Од друга страна, постојат и студии кои покажуваат дека млечните производи може да помогнат за подобар сон.

Како точно се поврзани исхраната и спиењето сѐ уште не е целосно утврдено, па затоа научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања.

„Треба да вклучиме луѓе од различни возрасти, потекла и со различни навики во исхраната за да утврдиме дали нашите резултати можат да се применат и на пошироката популација“, заклучува доктор Нилсен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот