Народна банка: Постојано ги зајакнуваме капацитетите за откривање фалсификувани пари

Фото: Profimedia

Народната банка денеска соопшти дека во текот на минатата година од страна на експерти за брзо воочување на сомнителни примероци на пари обучени се над 200 вработени во деловните банки и во институциите во системот за справување со фалсификување пари.

-Најважната алка во синџирот на справување со фалсификувањето на парите се лицата кои вршејќи ја својата професионална дејност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите. Оттука, со зајакнувањето на капацитетите на сите засегнати ракувачи со готовина се обезбедува брзо воочување на сомнителните примероци, нивно отстранување од оптек и доставување во Народната банка, се наведува во соопштението.

Од централната банка посочуваат дека низ годините, експертите од Народната банка организираат редовни задолжителни обуки за запознавање со заштитните елементи на домашните и на странските валути, за вработените во финансиските институции, односно во банките и центрите за готовина.

Како препорака од твининг-проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, Народната банка, како што се наведува во соопштението, ги проширила обуките опфаќајќи и претставници од институциите вклучени во системот за справување со фалсификување пари, односно од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и од Финансиската полиција.

– Како единствена овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите пари деноминирани во денари и во странски валути, централната банка врши и експертска анализа и обезбедува соодветна поддршка во процесот на справување со фалсификатите. Во изминатиов период, засилено се вршеше и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции за спроведување техничка анализа и откривање фалсификувани пари, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот