Наместо да ги кројат, овоштарите од тетовско ги корнат јаболкниците

Фото: Слободен печат

Во Брвеница кај Тетово, село со над 1000 семејства некогаш познато по огледувањето јаболка, последниве неколку години има сѐ помалку јаболкници и овоштарници.

Климатските промени, ниските цени и немањето пласман се главните причини поради кои површините засадени со јаболка во Брвеница, но и насекаде во тетовско, од година в година се намалуваат.

Во Брвеница пред неколку децении имало 300 хектари засадени со јаболка, а сега има едвај 20 декари со ова овошје, вели Драгољуб Зафировски од Брвеница. Тој пред неколку години одгледуваше над 5 декари површина засадена со јаболка, а сега има јаболка само на два декари, но и тие овошни насади планира да ги корне.

„Досега требаше се искрои јаболкото, но планирам да не одгледувам и да ги искорнам дрвјата, оти веќе не се исплаќа да се занимаваш со јаболка“, вели тој.

„Во Брвеница скоро и нема јаболкови насади, 90 % ги откорнале насадите. И не се исплаќа да одгледуваш јаболка, треба кроење, прскање и немаш никаков бенефит, на крај или нема да ја продадеш ќе ја фрлиш јаболката во депонија или мала откупна цена ќе ти дадат, цена со кој нема да можеш да ги покриеш ниту основните трошоци. Затоа решив да ги откорнам, само ќе оставам два реда јаболка колку за мене и за пријателите. Најдобро е да има откупни центри, проблем е и што нема народ, се е отселено и плус многу е покачена цената на препаратите, нема кројачи и исто така ѓубривото е многу поскапено. Сега јаболковите насади како што се корнат, на нивно место најчесто се сее пченица дека нема прскање за овој производ“, вели Драгољуб Зафировски од Брвеница.

јаболка

Зафировски вели дека само пред избори политичарите ветуваат дека ќе го решат проблемот со немањето на откупни центри. Пред неколку години имало најава дека ќе се отвори откупен центар во Боговиње, но и тоа беше само едно од празните ветувања, додава тој.

„Малку се надевавме дека со проектот „Јаболко за секое дете“ кој го реализираше Владата, а чија цел беше да се промовира здравата исхрана и да се зголеми потрошувачката на овошје во државата ќе се ублажи проблемот со немање на пласман. Но, не знам тука кај нас никој никој не дојде да праша какви проблеми имаме, а камоли да ја откупи јаболката за тој владин проект“, вели Зафировски.

Надежта велат последна умира, но нашата веќе умре, вели Зафировски.

Во Брвеница и во нејзиниот атар сега ретко можеш да види површина засадена со јаболка чии мештани пред неколку децении егзистираа од овој производ.

Како што тргнала работата за неколку години тетовското јаболко ќе го нема ниту за лек.

Дека ја нема јаболката од тетовско говори и сликата од тетовскиот зелен пазар каде најчесто се продава јаболка откупена од Преспа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот