Најмалку 64 пратеници ќе гласаат за новата влада со Алијанса, смета новинарот Незири

Фото: „360 степени“

Најмалку 64 пратеници ќе гласаат за „новата влада“ во која ќе влезе Алијанса за Албанците (АА), проценува новинарот и аналитичар Џелал Незири, кој вечерва гостуваше во „360 степени“ на „Алсат“.

„Имате право, немаме јасна слика на која страна ќе застанат пратениците особено по овие последни поделби, предизвикани од влегувањата и излегувањата на партиите во владината коалиција. Но, според сите изгледи, оваа влада или коалиција, има сигурна поддршка во Собранието, има стабилно мнозинство, сега со влегувањето на АА и најмалку 64 пратеници ќе ја гласаат новата влада“, рече Незири.

Тој беше запрашан дали може да се очекува неизвесност околу тоа колкумина пратеници ќе го поддржат новиот предлог за составот на владата, со оглед на тоа дека имало шпекулации оти е можно мнозинството да ја нема поддршката од 61 пратеник, колку што се потребни за предлогот да помине.

„Не верувам, бидејќи ако ги собирате или минусирате сите овие потези на партиите тогаш минимумот на парламентарното мнозинство ќе биде 65 пратеници. Ако го минусираме дури и Павле Трајанов, повторно нема да се загрози ова мнозинство. Мислам дека со влегувањето на АА во владата, се реши една дилема. Тоа е дека нема да има предвремени избори и наредните парламентарни избори ќе бидат редовни. Ова е добра вест во целиот овој метеж,“ рече Незири.

Алијанса за Албанците во „новата влада“ ќе добие три министерски места, а во јавноста веќе излегоа и имињата на кадрите кои АА наводно ги предлага за позициите – Кренар Лога за нов министер за правда на местото на Никола Тупанчески од СДСМ, и нефрологот Фатмир Меџити за ресорот здравство, кој би требало да го замени Беким Сали од Алтернатива. Дел од медиумите објавија дека Алијанса ќе го добие и Министерството за информатичко општество и администрација, за каде го предлага Азир Алиу кој би го заменил Адмирим Алити (Алтернатива).

Партијата на Таравари ќе има и двајца заменик-министри, кои според неофицијални информации ќе бидат Вјолца Бериша за земјоделство и Тирон Јахјага за одбрана.

Алтернатива соопшти дека до недела ќе донесе решение околу тоа дали ќе остане во оваа влада, каква што е предложена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот