
Најдобрите македонски одбојкари поразени од Израел пред турнирот „Чајка“
Најдобрата македонска машка одбојкарска репрезентација загуби од селекцијата на Израел со 3:1 во сетови (31:29, 14:25, 25:23, 25:19) на тренинг натпреварот во пресрет на 48 издание на меморијалот „Чајка“.
Препорачано
Љафтов беше најефикасен во македонската репрезентација со 15 поени, Никола Ѓорѓиев запиша 14, Савовски 11, Маџунков девет, Милев пет, Арсов и Илиев имаа по четири, Ефремов два, а Лепидовски, Ефтим Ричлиев и Костиќ по еден.
Селекторот Хари Наковски повторно ги користеше сите играчи знаејќи дека секој може да даде соодветен придонес во двата квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2026 година, а ривали се Грузија на 17 август и Грција на 25 август).
Подготовките ќе продолжат со денешниот дуел против Косово и саботниот меч со Израел во салата „Парк“ во Струмица, двата од 19.00 часот во рамките од турнирот „Чајка“.
– Досегашните контроли покажаа дека имаме добра реакција. Веројатно поради патувањата и неспиените ноќи, загубивме од Црна Гора и од Швајцарија во првите пресметки, па ден потоа игравме многу подобро и победувавме. Сè уште не сме на вистинското ниво, но претстојниот турнир „Чајка“ ќе ни овозможи да посветиме внимание на деталите и да бидеме свои за квалификациите со Грузија на гости и со Грција дома – вели селекторот Хари Наковски.
48. меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“ – „Парк“, Струмица
МАКЕДОНИЈА – Косово (четврток, 08.08.2024, 19.00 часот)
Израел – Косово (петок, 09.08.2024, 19.00 часот)
МАКЕДОНИЈА – Израел (сабота, 10.08.2024, 19.00 часот)