Наградата „Биш“ на 48. МОТ ја доби претставата „Кенди“ на независниот театар „Златен Елец“

Независен театар „Златен Елец“ / Фотографија: Стефан Самандов

Претставата „Кенди“ на независниот театар „Златен Елец“ ја доби наградата „Биш“ за најдобра независна театарска продукција во 2023 година. Комисијата на овогодишната селекција „Биш“ на програмата на Фестивалот „Млад отворен театар“ беше во состав Дора Подолски, Маја Митиќ и Сашо Огненовски.

По проследувањето на шесте претстави, одлучи наградата да ѝ ја додели на претставата „Кенди“, работена по романот на Лук Дејвис и по авторски материјали од ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје, а во адаптација и режија на Тамара Стојаноска и во изведба на актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ со музика на Лука Тошев.

Според образложението на комисијата, оваа претстава ја одликува големата храброст и ангажман да ги отворат современите болести на младите во време на социјална, политичка и општествена неизвесност.

– Наградата „Биш“ на МОТ ја гледаме како огромна поддршка за независната сцена и многу ни значи што темата на претставата допира до публиката, а и до жирито на фестивалот. Среќни сме што воопшто имавме шанса да играме на МОТ заедно со колеги од независната сцена. Ова за мене е прв МОТ и ќе го памтам засекогаш, а наградата е само мотивација за уште работа. „Кенди“ е претстава правена со многу љубов и желба да помогнеме некому со раскажувањето на оваа приказна и да посочиме кон здруженија, како ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје, кои секојдневно помагаат на многу луѓе во државава.

Целта ни е отворено да зборуваме за зависноста како болест, да укажеме на огромната дискриминација и стигматизација кон одредени маргинализирани групи, да зборуваме за многуте системски грешки и здравствени недостатоци околу темата зависност од користење дроги во Македонија – изјави Тамара Стојаноска, режисерка на претставата „Кенди“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 206, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот