Надеждин ќе го ослободи Навални, но нема да му суди на Путин доколку победи на претседателските избори

Борис Надеждин / Фото EPA-EFE/ANATOLY MALTSEV

Најсериозниот конкурент на рускиот претседател Владимир Путин на изборите во Русија, Борис Надеждин даде интервју за рускиот независен медиум Медуза. Надеждин е поранешен пратеник во руската Дума, гласен противник на војната во Украина, а неодамна се појави вест дека пред неговиот кабинет се формираат долги редици луѓе кои сакаат да се потпишат на неговата кандидатура. Десетици илјади луѓе го направија тоа, а во градовите низ земјата имаше обиди да се спречат луѓето да ја потпишат неговата кампања.

На 31 јануари Надеждин мора да поднесе потписи до Централната изборна комисија за регистрација за претседателските избори во Русија. Доколку успее да ги собере потребните 100.000 потписи и ако Централната изборна комисија ја одобри неговата кандидатура, што не изгледа особено веројатно, на гласачкото ливче ќе се појави антивоен кандидат. Постојат теории дека кандидатурата на Борис Надеждин е поврзана со Кремљ, што тој ги негира.

Во интервјуто, Надеждин раскажа како преговарал со различни партии, а Граѓанската иницијатива на Андреј Нечаев се согласила да го номинира. Имено, Надеждин како непартиски кандидат би требало да собере дури 300.000 потписи.

„Тие преговори беа во септември, а некаде на почетокот на октомври, сето тоа стана реалност. И тогаш го напишав и го објавив мојот манифест“.

Тој започнува со зборовите: „Се кандидирам на изборите како принципиелен противник на политиката на Путин“.

Тој ги опишал случувањата како „четирите чуда“.

„Првото чудо: партијата се согласи да ме кандидира. На крајот на краиштата, партијата што предлага човек со ваква програма, како што разбирате, е во опасност. Тешко е да се отвори партија, но лесно е да се затвори. Второто чудо беше кога овие млади момци дојдоа во мојот штаб, ми рекоа: „Ќе ви ја направиме кампањата, ќе направиме веб-страница бесплатно, не треба ништо да ни плаќате, ќе собереме и пари за вас“. Ме научија да собирам пари и сега веќе имаме повеќе од 80 милиони рубљи на нашата сметка, кои беа собрани со нивната технологија. Третото чудо беше кога ни дозволија да собираме потписи. Да бидам искрен, си помислив би ја доживеал истата судбина како останатите, едноставно да не ми дозволат да собирам потписи. Четвртото чудо, да се надеваме дека не е последно, беше кога видовме редови. Редици насекаде! Тоа беше навистина чудо“, рече Надеждин.

Тој се осврна и на Алексеј Навални, кој долго време е во затвор.

„Добро го познавам Навални долго време. Ќе го ослободам, но сепак треба да се рехабилитира, бидејќи има судска одлука, нема да се мешам во судството, но ми се чини дека нашето судство го слуша претседателот“, рече Надеждин.

Тој го смета Навални за „силна личност која избрала многу ризичен пат“.

Надеждин потоа говореше и за правата на ЛГБТИ лицата во Русија.

„Што се однесува до ЛГБТИ луѓето, ставот е едноставен: всушност, во мојата програма пишува дека ќе укинам репресивни закони, а тие се наведени и таму, меѓу кои се и законите за „геј пропаганда”. Секако, ќе ги укинеме. Мислам, не можам да откажам, јас сум само претседател. Но, мислам дека Државната дума ќе ги откаже“, рече тој.

На прашањето дека ситуацијата на ЛГБТИ луѓето во Русија не била најдобра и без целосна забрана, тој вели: „Знаете, секаде приказната за ЛГБТИ луѓето е надуена за политички цели: само во Америка, релативно кажано, тие се надувуваат како плус, а во Русија како минус. Пораснав и го живеев најголемиот дел од мојот живот во СССР. Сфатив дека веројатно има гејови таму, но никогаш во животот не сум ги видел. Секогаш ги има секаде, но некако не беа премногу забележливи. И сега, поради оваа силна пропаганда, луѓето директно мислат: „Каков ужас, сега само одврзете им ги рацете, и овие хомосексуалци ќе ја уништат целата земја“. Глупост! Ова е чисто лична работа, државата воопшто не треба да се меша“, вели Надеждин.

На прашањето дали не мисли дека правата на тие луѓе во Русија треба дополнително да се заштитат, на пример со дозволување на регистрација на брак, тој даде одговор од кој може да се заклучи дека не е склон да го прави тоа.

„Ми се чини дека државата треба целосно да заборави на нивното постоење и ќе им биде добро, многу подобро. Во Русија сигурно ќе се согласат со тоа. Русија не е Америка. Ние имаме наша традиција, тие имаат своја. Верувам дека нашите гејови се сосема нормални членови на општеството. Нека живеат, нека работат. Генерално, државата не треба да се меша во ова – воопшто, разбирате?“, рече Надеждин.

Во секое интервју, на прашањето за неговиот став за Крим, Надеждин одговара дека „се мора да биде во согласност со Уставот на Руската Федерација“.

„Одговорот е едноставен: Јас сум избран за претседател на Руската Федерација. Ви го привлекувам вниманието: не на Украина, не на Европската унија, туку на Руската Федерација. Кога ќе ја преземам функцијата, ќе се заколнам на Уставот на Руската Федерација“.

Тој додаде дека „ќе ги брани интересите на граѓаните на Руската Федерација, вклучително и на Крим“. Надеждин вели дека „ако некој извршил страшни злосторства“ во војната во Украина, треба да му се суди во Русија.

На прашањето дали може да му се суди на Путин, тој рече дека не може.

„Не може да му се суди, бидејќи има Устав, има закон на Руската Федерација за гарантирање на правата на лицата кои ги вршат овластувањата на претседателот на Руската Федерација. Двајца граѓани сега спаѓаат под него, како што разбирате, се Медведев и Путин. Според тој закон е невозможно да се приведат за ништо“, рече тој.

На прашањето дали би сакал да го смени тоа, тој одговори: Мислам дека ова не треба да се менува. Никогаш не се знае, тогаш ќе направам нешто, на некој нема да му се допадне, па ќе почнат со репресија врз мене. Знаете, тоа е проблемот, таа чисто руска традиција – доаѓа нов газда и сите што биле таму почнуваат со репресија. Ова ни се случува постојано, погрешно е“.

Ако успее да собере потписи, Надеждин верува во добар резултат на изборите. „Сега мојот процент е двоцифрен. Колата забрзува, но до која брзина ќе забрза? Сигурно веќе имам 10% (поддршка оп.а.)“, одговори Надеждин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот