Над 80 мигранти спасени во близина на брегот на Либија

ФОТО: МИА

Повеќе од 80 мигранти беа спасени, но двајца загинаа, а тројца се водат како исчезнати по две операции за спасување во Средоземното Море во близина на брегот на Либија, соопшти во неделата добротворната организација Лекари без граници (МСФ).

Бродот на Лекари без граници Гео Баренц собра над 60 луѓе доцна во саботата од гумен чамец во меѓународните води во близина на Либија. Пронајдено е и едно тело, а еден од мигрантите однесен на бродот починал набргу по спасувањето.

Други 19 луѓе беа земени од блиската напуштена туниска нафтена платформа, соопштија Лекари без граници. Мигрантите им кажале на спасувачите дека пливале таму откако чамецот со кој патувале почнал да навлегува во вода.

Три лица останале на чамецот и сега се водат како исчезнати, додаде добротворната организација.

Медитеранските премини од Северна Африка до Италија или Малта се меѓу најопасните миграциски рути во светот. Минатата година речиси 2.500 мигранти загинале или исчезнале на тие рути, според Меѓународната организација за миграција.

„Сите преживеани сега закрепнуваат и се згрижуваат на Гео Баренц по овие трауматски искушенија“, рекоа Лекари без граници, додавајќи дека побарале дозвола да се симнат на „најблиското можно безбедно место“.

Хуманитарните бродови вообичаено ги носат спасените мигранти во Италија, а десничарската влада на земјата често ги доделува на пристаништа за истоварување кои се далеку, за што е потребна неколкудневна пловидба за да се стигне до нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот