Националната галерија подготви изложби на Миле Корубин и Симон Шемов

Симон Шемов – Мултиверзум, 2019, комбинирана техника на платно

Отворањето на самостојната изложба „Мултиверзум“ на академскиот уметник Симон Шемов на 27 септември и на омаж посветен на Миле Корубин на 28 септември ќе бидат главните ликовни настани следнава седмица.

Две големи и исклучително значајни изложби се подготвени за отворање во репрезентативните објекти Даут-пашин амам и Чифте амам на Националната галерија. Свеченото отворање на самостојната изложба „Мултиверзум“ на академскиот уметник Симон Шемов ќе се случи на 27 септември 2023 (среда), во 20 часот, во Даут-пашиниот амам.

На отворањето ќе има обраќање на директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, потоа и на академик Влада Урошевиќ, македонски поет и лауреат на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2023 година. Завршната реч ќе ја има историчарката на уметност Ана Франговска, куратор на проектот.

Симон Шемов е мултимедијален уметник, професор, истражувач, вљубеник во природата и космосот. Проектот „Мултиверзум“ ќе ги претстави неговите ликовни остварувања кои се однесуваат на неколку тематики кои се провлекуваат како јадро низ целиот негов животен опус, а тоа се истражување на универзумот, пантеизмот, архетиповите, детската игра, фолклорот итн.

Симон Шемов – Архетип на животот, 2014, рачно изработена хартија

– Продолжувајќи ги вечните трагања по истражување на односите реално-имагинарно, простор-време, пропорции, релации, растојанија, Шемов создава една мошне моќна визуелна, просторна, „звучна“ потрага по тајните на космосот, прослана низ магичниот Даут-пашин амам. Истражувањата и метафизиката на космосот Шемов ја разработува во повеќе различни медиуми, од неговата специјалност – виртуозноста и единственоста во создавање дела од рачно изработена хартија, платна, цртежи, комбинирани техники, колажи, со што мултимедијалниот наратив добива уште повеќе на транспарентност – посочува кураторката Ана Франговска.

Поттик за организирање омаж посветен на Миле Корубин (роден на 28 септември 1922 година во Прилеп, а починал на 13 септември 2000 година во Скопје), еминентен македонски сликар, е одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Овие јубилеи се базични поводи преку кои Националната галерија, како институција која седум и пол децении се грижи за чувањето и заштитата на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања.

На оваа примарна визија, мисија и функција се надоврзуваат и заложбите за константно потсетување за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од модерното македонско сликарство и скулптура, преку селекција и претставување дела што се наоѓаат во повеќе државни и јавни институции од земјава, како и во приватни колекции.

– Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на „патувањето“ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното. Тенденциозно избегнувајќи ги трендовите, метафоричкиот лирски пристап се чувствува и се развива следејќи ја имагинацијата од конкретноста, па сè до геометриската асоцијативност. Притоа, како константа секогаш доминираат потсвесно воспоставената хармоничност и редот на елементите во просторно смирената до „блажено“ лебдечката композициска структура. Неговиот луциден сликарски јазик и урамнотежени ликовни ориентации се наклонети кон естетизацијата, редуцирањето на сликарскиот израз, отстапувањето од перспективата, ослободувањето на чистиот простор на атмосферата, кон егзотиката и мистицизмот преку лиризмот на чистата форма, што го издвојува како автор посветен на истрајноста и доследноста на сопствената мисла – стои во најавата на омажот за Миле Корубин во Чифте амам.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 197, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот