„На точак“ за проширувањето на улицата Македонска војска: Дали Скопје на сметка на парк и паркинг добива булевар кој не води никаде?

Град Скопје деновиве информира дека е започнато проектирањето на два значајни проекти – изградба на нов кружен тек и на булеварско решение на улицата Македонска војска во Ѓорче Петров. Оттаму сметаат дека со изградбата на овој кружен тек ќе се растовари сообраќајниот метеж на оваа раскрсница и ќе се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот. На овој простор планирана е и изградба на нова велосипедска мрежа од 2.700 метри квадратни и пешачка патека од 4.100 метри квадратни

Според известувањето од Градот, со реализацијата на кружниот тек на вкрстувањето помеѓу булеварот Македонска војска и улицата Ѓорче Петров, ќе се исполни децениското барање на граѓаните од овој дел на Скопје.

Но, велосипедистите од „На точак“ сметаат дека во моментов нема потреба улицата Македонска војска да прерасне во булевар и дека по неа нема сообраќајна фреквенција за повеќе од две коловозни ленти и прашуваат – дали Скопје на сметка на парк и паркинг добива булевар кој не води никаде? Според нив, улогата на оваа улица во планираниот сообраќаен систем на Скопје, каде е замислена како булевар, е да го поврзе замислениот „прстен“ кој го врзува источниот со западниот дел на  Скопје со планираната јужна обиколница преку Вардар.

„Прстенот“ води од Аеродром (булевар Србија / Киро Глигоров), преку Железара и Автокоманда (булевар Хрватска околу парк-шума Гази Баба, кој не е ни почнат), Скопје Север (булевар Босна и Херцеговина), булевар Словенија кај Аквадуктот и булевар Црна Гора низ Бардовци и Геге покрај пругата, кој не е ни блиску до реализација. Јужната обиколница е замислена да оди по падините на Водно и во Ѓорче по текот на Вардар од десната страна. Замислениот булевар Македонска војска со 4 ленти треба да се пробие со мост преку Вардар до село Лака и таму во клучка да ги поврзе овие 2 сообраќајници. Без овој прстен и мостовско поврзување улица Македонска војска е доволно широка за моменталните потреби, онака како што е – објаснуваат од „На точак“.

Оттаму посочуваат дека на двете страни од улицата во моментов има само зеленило и паркинг, па лесно е да се одземе простор и да се покаже дека сепак нешто се гради. Нивна претпоставка е дека со најавениот проект ќе се изведе само делот каде може да се одземе од паркот, но не и делот јужно од булеварот Ѓорче Петров каде треба да се рушат куќи.

Ќе се гради во дел кој апсолутно нема потреба од повеќе коловозни ленти и ќе нема уште многу години. Повеќе коловозни ленти се само фрлени пари во погрешна насока. Ќе се уништи дел од зеленилото во паркот Ѓорче Петров, ќе се уништи паркингот покрај паркот Ѓорче Петров и црквата, ќе се уништи дел од новоуреденото шеталиште покрај „Тинекс„. Ќе се добијат 4 непотребни ленти за коли, ќе се истурат многу пари, а што ќе се добие? Практично паркингот од паркот ќе се прелее во најдесна лента на булеварот. И ќе имаме улица со изградени 4 ленти, а функционални само 2. Фрлени пари и небезбедна писта. Слична грешка како со улицата 4 јули – сметаат велосипедистите.

Од „На точак“ сепак се надеваат дека проектот не предвидува четири ленти за автомобили, дека проширувањето ќе биде само за велосипедските патеки, дека кружниот тек ќе биде со помал радиус и поголеми пешачки острови. Само под овие услови, според нив, би бил позитивна промена.

Нашата претпоставка за 4 ленти за автомобили на сметка на паркот во Ѓорче ја темелиме на ГУП на Скопје, а не на самиот проект, кој не е јавно достапен! И уште еднаш потсетуваме дека е многу поважно да се објавуваат слики од проектите, отколку од градоначалниците и вработените по општините. Улога на јавната администрација е да го подигне нивото на разбирање на граѓаните, да ги еманципира за проектите што ги работи и да ги вклучи во процесите – реагираат од „На точак“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот