„На точак“: Проектантите како да правеле парк каде во фокусот е автомобилот, а не пешакот

Реакции околу изградбата на мега-паркот во Ѓорче Петров

Претворањето на депониите во нови зелени површини во главниот град е исклучително важно, не само поради фактот што на тој начин значително ќе се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје, туку и поради можноста скопјани да имаат дополнителен простор за одмор и за рекреација. Еден таков проект беше промовиран минатата недела, во чии рамки на местото на некогашната дива депонија во Ново Село, ќе се гради првиот мега-парк во општина Ѓорче Петров.
Иако проектот кај скопјани наиде на позитивни реакции, сепак велосипедистите на социјалните мрежи излегоа со одредени забелешки, притоа потенцирајќи дека се надеваат оти не е доцна да се коригира. Од граѓанската иницијатива „На точак“ велат дека ја поздравуваат намерата депониите во Скопје да се претворат во паркови и да се зголемат зелените површини.
-На Скопје тоа му е неопходно од многу аспекти, од кои еден е и поттикот да се користи велосипедот како превозно средство. Особено во лето, свесни сме што значи сенката од дрворедите и соседните паркови за возењето точак. Истовремено, би сакале да дадеме една забелешка за проектот. Се надеваме дека не е доцна да се коригира. Не е битно само да се зголемуваат зелените површини, туку тие да бидат и функционални, најмногу за пешачење, а потоа и за возење велосипед. Во парк се оди да се пешачи и тоа треба да го има приматот! – велат од иницијативата „На точак“.
Велосипедистите имаат забелешка околу тоа што во презентираното решение за изградбата на новиот парк се гледа дека, според нив, паркот е нелогично пресечен со паркинг на 2 издвоени целини.
-Паркот не е преголем и логично е луѓето што ќе шетаат, трчаат, децата што ќе учат да возат велосипед да сакаат да ја поминат целата должина на тие патеки. Но, на што ќе наидат на половина пат? На автомобили. Паркирани и во движење. Со решението презентирано на сликите, паркот е нелогично пресечен со паркинг на 2 издвоени целини. Сметаме дека позицијата на паркингот е целосно несоодветна, го пресекува движењето, го намалува квалитетот на паркот и ќе биде ризичен по безбедноста, особено на најмалите. Паркингот треба само да го тангира паркот, а не да го пресекува. Посетителите треба да се чувствуваат комфорно како пешаци во целата површина X, а не само во површината 1/3 X (лево од паркингот) или 2/3 X (десно). Проектантите како да направиле два помали паркови, наместо еден поголем. Како да правеле парк каде што во фокусот е автомобилот, а не пешакот – стои во реакцијата на „На точак“.
Според велосипедистите, по примерот на европските метрополи, во иднина проектите од јавен интерес би требало да се објавуваат јавно порано, за да можат граѓаните да дадат свои забелешки во самата изработка, а не откако ќе почне да се изведува проектот.
Со своја реакција се јавија и советниците во Советот на Општина Ѓорче Петров од СДСМ, кои, пак, како што велат, се сомневаат во начинот и количината на исчистеното ѓубре од локацијата на која е предвидено да се гради новата зелена површина.
– Ова беше депонија со големина колку 11 фудбалски игралишта, која градоначалникот Стојкоски, наводно успеал да ја исчисти со само 8 камиони отпад депониран во Дрисла. Заради одговорноста што ние како советници ја имаме кон граѓаните, повторно го прашуваме градоначалникот Стојкоски. Дали депонијата е навистина исчистена со само 8 камиони депониран отпад, или ѓубрето е затрупано на самата локација? Дали паркот што го промовирате ќе се гради врз контаминирана почва што ќе претставува темпирана еколошка бомба? И дали свесно го ризикувате здравјето на граѓаните и на нашите деца? – прашува советничката Маја Стојковска.
Таа информираше дека како советничка група, на овие прашања побарале одговор на 15-тата седница на Советот од градоначалникот и општинската администрација, но како што велат, и по два месеца, до денес, сѐ уште немаат никаков одговор.
-Затоа ќе поднесеме претставка до Инспекторатот за животна средина за да испита дали е загрозено бунарското подрачје на Лепенец, врз какво земјиште ќе се гради најавуваниот парк и дали ќе претставува опасност по здравјето на граѓаните. СДСМ и коалицијата ги поддржуваат сите проекти што се од суштинско значење за граѓаните и овозможуваат подобар живот на ѓорчепетровци, но нема да дозволиме површно работење и прикривање сериозни проблеми, најавувајќи ги во јавноста како големи проекти – вели Стојковска.
Минатата недела градоначалничката Данела Арсовска го најави почетокот на изградбата на мега-паркот кој според најавите ќе се протега на површина од над 30.000 метри квадратни, на местото на депонијата што беше целосно исчистена пред неколку месеци. Според Арсовска, предвидено е паркот да има три дела, а во секој од нив ќе има внатрешни пешачки патеки и дополнителни пристапни патеки. Предвидена е изградба на детско игралиште, игралиште за миленици и фитнес зона, со соодветни реквизити, како и изградба на паркинг за посетителите.
Предвидено е подигање зелени површини, поставување систем за наводнување, засадување на повеќе од 2.200 дрвја од десетина различни видови, како и цветни садници. Во завршната фаза, според надлежните, ќе се постави урбана опрема и просторот ќе се уреди со фонтани, клупи, садови за отпадоци, паркинг за велосипеди, како и соодветно осветлување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот