Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На светот му се заканува опасност од оваа смртоносна болест: Овие лица се најзагрозени

Истражувачки тим откри дека луѓето со АЛС имаат значително поголема историја на изложеност на сулфур-диоксид во споредба со здравите испитаници.

Тим канадски научници пронајде можна поврзаност помеѓу загадувањето на воздухот од фосилни горива и зголемениот ризик од амиотрофична латерална склероза (АЛС), фатална невродегенеративна болест.

Студијата, објавена во списанието „Истражување на животната средина“ (Environmental Research), опфатила 304 лица со АЛС и 1.207 здрави лица на слична возраст и пол, користејќи податоци за животната средина за проценка на долгорочната изложеност на загадувачите на домашните адреси на учесниците во студијата.

Научниците се фокусирале на сулфур-диоксид (SO₂), нуспроизвод од согорување јаглен и нафта. Иако е познато дека SO₂ го оштетува мозокот, досега не бил проучуван во контекст на АЛС. Тимот откри дека лицата со АЛС имаат значително подолга историја на изложеност на SO₂ од здравите лица.

Истражувањето покажа дека сите учесници живееле во подрачја кои официјално се класифицирани како зони со „чист воздух“, што го доведува во прашање постоечкото ограничување на дозволените нивоа на загаденост.

„Нашите наоди ја поддржуваат врската меѓу долготрајната изложеност на загаден воздух, особено на сулфур-диоксид, и развојот на АЛС, како и потребата од подобрување на мерките за контрола на загадувањето на воздухот“, рекле авторите на студијата.

Истражувачите исто така забележале дека изложеноста на SO₂ пред појавата на симптомите е поважна од онаа што е измерена поблиску до времето на дијагнозата.

„Ова е првата студија која покажува дека повисоки нивоа на амбиентален SO₂ во станбени подрачја го зголемуваат ризикот од АЛС“, заклучуваат авторите на студијата.

Иако АЛС останува ретка болест, која погодува околу едно до две лица на 100.000 луѓе годишно, во најголем дел од случаите е фатална во рок од три години.

Канадските научници повикуваат на понатамошни истражувања и предупредуваат дека е потребна превентивна стратегија и подобрена регулаторна интервенција во интерес на јавното здравје во врска со нивото на изложеност на загадување на воздухот, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот