На ЛОИ Париз 2024 дрим-тимот ќе треба да настапува во „штала“?!

Во оваа сала треба да се игра кошаркарскиот турнир на ЛОИ 2024. Фото: EPA-EFE/Mohammed Badra

Француски олимпијци се засрамени затоа што домаќинот на следните ЛОИ одбрал кошаркарскиот турнир да се игра во сала која обично служи за одржување земјоделски и сточарски саеми

Контроверзите ескалираа околу кошаркарскиот турнир на Летните олимписки игри во Париз 2024 година, откако неколку француски играчи јавно ги критикуваа објектите во изложбениот центар Порт де Версај. Прелиминарната фаза и четвртфиналето на кошаркарскиот турнир на ЛОИ Париз 2024 треба да се одржат на местото означено како „Арена јужен Париз“, каде што секоја година се одржува Парискиот меѓународен земјоделски и сторчарски саем.

„Лекип“ објави дека Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) изразила загриженост за соодветноста на теренот на Порт де Версај и сугерирала дека треба да се смени локацијата.

Никола Батум, сребрен медалист од ЛОИ Токио 2020, се огласи за да им се придружи на критиките на изложбениот центар Порт де Версај.

– Дали навистина ќе дозволите на оваа локација да се игра најдобриот тимски спорт на Игрите? Не знам кој одлучува, но треба да направите подобро за кошарката – се огласи Батум.

Неговиот тимски колега Венсан Поарие изјави дека споменатата локација покажува „недостаток на почит“ кон играчите.

– Тие навистина мислат дека тимот на САД, чии ѕвезди вредат десетици милиони и играат во огромни арени секоја вечер, ќе настапува под овие услови? Не знам кој е задолжен за изборот на локациите за ЛОИ 2024 година, но ќе мора да се разбуди затоа што не засрамува во очите на светот – вели Поарие.

Арената „Берси“ треба да биде домаќин на подоцнежните фази на кошаркарскиот турнир на ЛОИ Париз 2024. Организаторот се обидува да заштеди и наместо да гради нови капацитети, прилагодува стари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот