Фото: илустрација / PickPik / CC0

На интернет слабо учиме и се развиваме – главни ни се социјалните мрежи и разговорите со други луѓе

Наместо да го користат интернетот како алатка за раст и напредок, на луѓето во Македонија тој најчесто им служи за разговори, видеоповици и следење социјални мрежи. Иако сме меѓу најактивните корисници на социјалните мрежи и видеоповици, немаме многу ентузијазам за користење на интернетот за тргување, но ни за користење на глобалната мрежа за личен развој, покажува анализата на порталот „Пари“.

Речиси 90 отсто (89,2) од македонските граѓани интернетот во 2024 година главно го користеле за телефонски и видеоразговори, а 76,9 отсто одговориле дека примарно го користат за активности на „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Тикток“ и други социјални мрежи. Тоа е многу повеќе од европскиот просек, кој изнесува 75,3 насто за разговори и 64,9 насто за социјални мрежи.

Слично е и во другите земји од Западен Балкан. Но, за разлика од Македонците, луѓето во регионот многу повеќе користат интернет и за пребарување разни производи и услуги, за банкарство и за онлајн продажба, пишува „Пари“.

Последниот извештај на Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија за е-трговијата во Западен Балкан во 2024 година покажува дека само 54,2 отсто од граѓаните во земјава користат интернет за наоѓање производи и услуги, што е најмалку во регионот. Тоа значи и дека во Македонија најмалку се купува онлајн.

Лидер во Западен Балкан е Србија, каде 76,3 насто од интернет-активностите на граѓаните отпаѓаат на истражување разни производи и услуги по веб-страниците. Висок е процентот и во Косово, дури 74,5 насто. Косовските граѓани, исто така, се меѓу најголемите онлајн купувачи во регионот, особено од странски продавници и платформи. Следуваат жителите на Босна и Херцеговина, каде процентот на интернет-активности за пребарување производи изнесува 70,3 насто. Овие држави се дури и над или блиску до просекот на ЕУ, кој изнесува 70,5 насто. Пред Македонија се и Црна Гора со 63,1 насто и Албанија со 61,9 насто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот