МВР и Фронтекс со различни бројки за мигрантите: Кај нас сè помалку поминуваат, во ЕУ сè повеќе пристигнуваат?

Бегалци / Фото ЕПА

Европската Унија годинава регистрирала голем раст на бројот на илегални мигранти што влегле во ЕУ од Западен Балкан, соопшти Фронтекс, наведувајќи дека бројката е речиси трипати поголема отколку во истиот период лани. Од јануари до мај 2022 година, Фронтекс регистрирал вкупно 40.675 илегални гранични преминувања на западнобалканската рута, што е речиси трипати повеќе отколку во истиот период минатата година. Тоа е речиси половина од вкупно 86.420 илегални гранични премини на ЕУ во овој период, наведува Фронтекс.

„Само до мај бројот на илегални мигранти откриени во регионот е повеќе од двојно зголемен, на 12.088“, се наведува во соопштението на Фронтекс, во кое се додава дека мигрантите главно се од Сирија и од Авганистан.

Европската агенција не ги наведува причините за зголемувањето, но сугерира дека повеќето од луѓето што ги откриле, извесно време престојувале во Западен Балкан пред да се обидат да влезат во ЕУ.

Од македонската полиција, пак, велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за спречување на обидите за илегален влез на мигранти преку македонско-грчката граница и токму за овој регион и токму поради оваа проблематика постојано се продолжува кризната состојба.

– Во првото тримесечје од годинава споредено со истиот период лани, има намалување на трендот на обидите за илегални преминувања за 35 отсто. На границите со соседните земји се спречени 20.874 обиди за илегално преминување, најмногу во текот на првиот квартал (март и април) и третиот квартал од годината (септември и октомври 2021 година). Модусот на движење останува непроменет, мигрантите најчесто во ноќните и во раните утрински часови ја поминуваат државната граница и го користат временскиот период кога се врши смена на патролните тимови на МВР – велат од полицијата за „Слободен печат“.

Од МВР додаваат дека најголем број илегални обиди за влез на мигранти во земјава има на јужната граница. Точно 18.424 мигранти лани сакале илегално да влезат во Македонија. Најризично подрачје што мигрантите го користеа во 2021 година за илегално преминување е во реонот на селото и граничниот пункт „Богородица“, односно пограничните села во Гевгелискиот регион, поради поставеноста на стационираните кампови во близина на Солун и камповите во близина на граничната линија со нашата држава.

Легалниот влез на мигрантите во Македонија од Грција одамна е забранет. Секој мигрант што ќе биде откриен, се депортира назад во Грција. Во нивниот илегален поход кон земјите од Унијата, како што велат од македонската полиција, за паричен надоместок имаат поддршка од добро организирани криминални групи, кои во соработка со нивни „колеги“ од Грција ги наведуваат по која рута е најбезбедно да се помине.

Трипати повеќе мигранти од лани годинава влегле во ЕУ преку Западен Балкан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот