МП: Формирана Работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет

Министерство за правда / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Со цел надминување на слабостите наведени во Извештајот на Европската комисија за досегашната работа на Судскиот совет, а во рамки на надлежностите на Министерството за правда за изготвување на законите во оваа област денеска е формирана работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за судскиот совет, со претставници од правосудството, академската заедница и невладиниот сектор.

Со работната група, како што информираат од Министерството за правда, ќе претседава Академик Владо Камбовски, член на Македонската академија на науките и уметностите и во неа ќе учестуваат: Маргарита Цаца – Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур; д-р Бајрам Положани, поранешен судија на Уставниот суд и професор по уставно право; Бранко Наумовски, поранешен претседател на Уставниот суд; Сали Мурати, поранешен претседател на Уставниот суд; Беса Адеми, претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија; Јелена Кадриќ, претставник од Институтот за човекови права; Ивана Петковска, претставник од Коалиција Сите за правично судење; Џемали Саити, судија во Врховниот суд на Република Северна Македонија; д-р Денис Прешова, професор на Правниот факултет „Јустинија Први“- Скопје; д-р Ана Павловска – Данева, професор на Правниот факултет „Јустинија Први“- Скопје; Ѓорѓи Радојков, поранешен судија; Ивица Николовски, член на Судскиот совет на Република Северна Македонија; д-р Јетон Шасивари, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа; д-р Беса Арифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа и Шпенд Деваја – судија во Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Paботната група во својата работа ќе повикува и претставници од сите релеванти органи од областа на правосудство.

Во соопштението на Министерството за правда, се посочува дека Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија за 2023 година изразува сериозна загриженост за работата на Судскиот совет.

„Имено, во клучните оценки и препораки во делот на функционирање на судството Европската комисија го повикува Судскиот совет да се залага да ја заштити независноста и интегритетот на судиите. Натаму, се нотира контроверзното разрешување на Претседателот на Судскиот совет преку контроверзна постапка со која се доведе во прашање почитувањето на законите и постапките. Обидите на сегашниот Претседател да го ограничи присуството на камерите на седниците на советот” се исто така нотирани, а кои благодарение на интервенциите на граѓанските организации и судско медиумскиот совет претсанаа да бидат пракса. Исто така во извештајот се нотира и ниската доверба на судиите во улогата на Судскиот совет во заштита на судската независност, а согласно оценката на ризикот од корупција во судството, објавена во јуни 2023 година, со која 72 отсто од судиите не се согласуваат со ставот дека Судскиот совет ефективно ја штити судската незавиност“, се вели во соопштението од МП.

Една од причините, се вели во соопштението од МП, за испраќање на оценска мисија од страна на Европската унија за работата на Судскиот совет беа и лоцираните слабости во неговото функционирање изминатиот период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот