Може ли „малиот напредок“ да стане историски исчекор?

epa08731288 Bulgarian Foreign Minister Ekaterina Zaharieva (R) welcomes North Macedonia's Foreign Minister Bujar Osmani (L) in Sofia, Bulgaria, 09 October 2020. Osmani is on an official visit in Sofia. EPA-EFE/VASSIL DONEV

Не е познато каков „мал, но недоволен напредок“ е постигнат на завчерашниот шестчасовен состанок во Берлин помеѓу македонски, бугарски и германски министри кој беше свикан во обид да се најде решение за условите што ги поставува Бугарија за да даде поддршка на преговарачката рамка за Македонија за членство во ЕУ.

Ниту вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров ниту министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера до затворањето на овој број од весникот, не излегоа со соопштение или со изјава за тоа какви биле нивните ставови и предлози на состанокот со бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и германските министри за надворешни работи Хајко Мас и за Европа, Михаел Рот.

Од Владата не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ што побарала Бугарија од Македонија и каква позиција застапувала Германија, која инсистира до крајот на нејзиното претседателство со ЕУ да се одржи меѓувладината конференција со која инсистира до крајот на нејзиното претседателство со ЕУ да се одржи меѓувладината конференција со која Македонија ќе ги почне преговорите, а билатералните прашања меѓу членките и кандидатите да се решаваат независно од преговорите.

За разлика од молкот на македонската страна, Захариева вчера рано наутро побрза да каже дека на состанокот бил постигнат „одреден напредок“ во однос на отворените прашања, но Бугарија сè уште не е во можност да ја одобри рамката за преговори за Македонија.

– Ние сме добронамерни, но не можеме да правиме компромиси што ќе продолжат да водат кон антибугарска кампања. Ова е ставот на бугарската Влада – рече Захариева. 

Захариева: Не сме стигнале до точка да кажеме „да“

Најголема забелешка на Бугарија е што Македонија, наводно, не го почитувала Договорот за добрососедство од 2017 година.

– Во последната година и повеќе сме сведоци на екстремно и систематско непочитување на овој договор. Не зборувам само за историската комисија. Има забелешки за напредокот на Коридорот 8, имаме случаи во кои се создаваат административни бариери за бугарските инвеститори, неподготвеност на Македонија да се придржува до формулата за јазикот во договорот. Заедничката историска комисија не работеше речиси една година. Бугарија смета дека тоа темпо не е доволно – рече Захариева.

Таа реагира дека историските личности за кои е постигнат договор во Мешовитата комисија за историски и образовни прашања не се објавени јавно и договореното не се рефлектира во учебниците и на музејските експонати. Според Захариева, нема начин како да се постигне тоа ако договореното остане само на хартија.

– Слушнавме многу обвинувања дека Бугарија не ја признава реалноста. Напротив, ние ја препознаваме реалноста само со фактот дека ние први го признавме постоењето на државата Македонија. Поддршката за евроинтеграцијата на нашите соседи не е променета низ годините. Не само за Северна Македонија, туку за цел Западен Балкан – рече Захариева.

Според неа, има одреден напредок во однос на отворените прашања, како што е користењето на краткото име на земјата.

– За Бугарија е важно да се изјаснат дека краткото име не води до географскиот дел на Бугарија, дека не е поврзано со територијални или малцински претензии. Македонија вети дека ќе го објави ова. Што се однесува до јазикот, повторивме дека постојат две опции или употребата на верзијата за 2017 година – рече Захариева.

Таа го објасни позициите на Софија, која сака преостанатите барања на Бугарија да ги пренесе во преговарачката рамка, меѓу кои и гаранции и акциски план за спроведување на Договорот за добрососедство и јасна декларација дека тврдењата за малцинства во Бугарија нема да бидат поддржани од македонските институции.

– Тешко е целата ЕУ да има отворени прашања. Не сите членки на ЕУ го одобруваат проширувањето. Да, се согласувам со моите колеги од Скопје дека никој нема право да утврди како граѓанин може да се самоопредели, но истото важи и за бугарските граѓани. Нема шанси некој да каже дека овој јазик е различен од нашиот, па затоа ја најдовме формулата во 2017 година. Благодарност на германското претседателство за посветеноста и иницијативата, но сè уште не сме стигнале до точка да кажеме „да“ – заклучи вчера Захариева.

Заев: Ние нема да дадеме причини за нови одлагања

Ставот на македонската влада, пак, е дека во овој период ќе се воздржи од давање политички изјави за да не се нарушат разговорите што се водат меѓу двете министерства за надворешни работи. Оттаму само потврдуваат дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се факти што се потврдени од Обединетите нации и за ова не постои дилема, а за сите останати отворени прашања ќе се води дијалог.

Премиерот Зоран Заев во интервју за магазинот „CorD“ го повтори својот оптимизам дека во декември Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ.

– Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните. Се надевам дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот за општи прашања на 10 ноември, по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември – вели премиерот Заев.

Според бугарските медиуми, официјалната позиција на Софија во врска со претстојното усвојување на преговарачката рамка за Македонија ќе биде позната денеска, кога ќе се одржи состанок на Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ. Утре има уште една можност за договор на средбата на министрите Османи и Захариева, но сè уште не е познатo во кој формат ќе се држи таа средба. Пред Берлинскиот процес на 10 ноември се очекува во Софија да се одржи и средба меѓу премиерот Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов.

Бугарија бара од Македонија да признае дека македонскиот јазик има бугарски корени и дека македонскиот идентитет е насила создаден со интервенција од комунистичкиот лидер Јосип Броз Тито врз бугарско население во Македонија, за што е усвоена и резолуција во бугарското собрание. Во врска со јазикот и во декларацијата од 1999 година и во Договорот за добрососедство од 2017 година е навeдено дека документите се потпишани во два оригинални  примероци, „секој од нив на официјалните јазици на договорните страни – македонски јазик, согласно со Уставот на Република Македонија, и бугарски јазик, согласно со Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднаква важност“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот