Mонтираните процеси наскоро под собраниска лупа

СДСМ ќе изготви амандмани, но ќе соработува со Павле Трајанов, за неговиот предлог за повторно судење на случаите како „Шпион“, „Детонатор“, „Змиско око“ и други…

Предлог-законот за преиспитување факти и докази во судска постапка, изготвен и поднесен од пратеникот Павле Трајанов наскоро ќе се најде на разгледување во Собранието. За текстот, од кој се очекува за триесетина случаи познати во јавноста да биде повторена постапката, пратениците ќе расправаат на 14 декември, а според предлагачот, постои начелен договор за поддршка од коалиционите партнери од парламентарното мнозинство.

-Со првичните разговори што ги остварив со координаторот на пратеничката група Јован Митрески, предлог-законот ќе се најде на дневен ред на 14 декември. Но, најпрвин ќе биде поставена точката за предлог-резолуцијата на Комитетот за заштита на правата на лица осудени во монтирани процеси, а следна точка би бил предлог-законот. Очекувам поддршка во првата фаза од собраниската процедува, вели пратеникот и претседател на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Од владејачката партија потврдуваат дека предлогот на Трајанов, кој се однесува на сите судски случаи каде е повредено начелото на презумпција на невиност, користен е лажен сведок, каде е злоупотребен системот за прислушување или оној за автоматска распределба на случаи, ќе добие зелено светло од пратениците на СДСМ, но доколку текстот претрпи одредени измени.

-Павле Трајанов има поддршка за идејата. Во врска со некои детали од текстот и потребата од амандмански интервенции за допрецизирање на законот се прават консултации со предлагачот, потврдува координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Трајанов вели дека ќе соработува при подготвувањето на амандманите, со цел да се усвои едно вакво законско решение што би придонело за враќање на довербата во правосудството кај граѓаните. Засега од ВМРО-ДПМНЕ нема одговор дали го одобруваат ова предлог законско решение, но според неофицијалните информации, кај дел од опозициските пратеници постои голема веројатност да гласаат „за“.

Дали со евентуалното усвојување на текстот навистина ќе се врати довербата во правосудните органи и ќе претставува ли дополнително оптоварување на судските капацитети, не добивме одговор од првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев, каде се донеле пресудите за најголемиот дел од предметите на кои алудира Трајанов. Сепак, за познавачите, идејата е за поздравување, но се скептични околу примената во практика.

-Иницијативата за законот е одлична, но можеби текстот и деталите не се срочени како што треба, сепак прелагачите не се адвокати. Малку е спорен насловот „преиспитување докази“, бидејќи треба да се преиспитуваат предметите со политичка заднина или оние со изречена пресуда, а каде воопшто не постоеле докази. Треба да се разгледуваат и делата каде е изречена доживотна казна затвор. Сепак, сметам дека ваквиот потег нема да ја врати довербата во судството, напротив ќе ни покаже колку во системот се е труло. Довербата ќе се врати единствено преку одговорност на секој поединечен судија или обвинител и евалуација на неговата работа, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

Инаку, ова законско решение, според Трајанов, би овозможило за најмалку 30 случаи да биде повторена постапката и сите докази и факти да бидат преиспитани, а меѓу случаите кои ги посочува се „Шпион”, „Агент”, „Детонатор”, „Змиско око 1″, „Змиско око 2″, „Метастаза”, „Ликвидација”, „Калдрма”, „Ровер” и „Музеј на Македонија”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот