
МОН: Учебниците се во завршна фаза на одобрување, некои ќе доцнат
На два дена пред почетокот на новата учебна година, учебниците се во фаза на одобрување. Во меѓувреме учениците ќе учат од, како што велат од Министерството за образование и наука, од соодветни материјали.
Препорачано
– Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение во основното образование за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување. На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви кои се со забелешки од рецензентските комиси и истите треба да претрпат одредени измени /дополнувања .Откако авторот/авторите ќе ги имплементираат повторно ракописот со измените се враќа кај рецензентите заради констатирање на измената. Така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници, велат од МОН.
Учебната година задутре ќе почне за околу 255 илјади основци и средношколци. За учениците од второ и од петто одделение има нови наставни програми според Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно.
За овие ученици, како и за тие од прво и четврто, учебниците ќе доцнат поради измената на наставните програми кои се во различни фази на одобрување.
Министерството за образование наука соопшти дека за да се задржи континуитетот, заедно со Бирото за развој на образованието има подготвено соодветни наставни материјали за овие ученици од кои ќе учат на почетокот на учебната година.
За останатите одделенија, за кои важат старите наставни програми, како и за средното образование, учебниците ќе бидат навреме доставени. Учебниците од четврто и погорните одделенија освен во печатен, ќе бидат достапни и во дигитален формат на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.
Свидетелства добија само дел од учениците, останатите ќе ги добијат на први септември.
Учениците во Основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ свидетелствата за минатата учебна година ќе ги добијат на први септември.
– Во училиштето веќе пристигнуваат новите учебници за учениците кои наставата ќе ја следат по новата програма, односно второ и петтоодделенците, додека пак останатите ќе учат од учебници кои ги враќаат учениците на крајот на учебната година, рече Наталија Делева, директорка на училиштето.
И во ОУ„ Кирил Пејчиновиќ“ доделувањето на сведителствата ќе се одвива на први септември. Од училиштето информираат дека се е подготвено за првиот училишен ден. Покрај тоа, во училиштето секојдневно пристигнуваат учебници кои ќе им бидат бесплатно дадени за учење на учениците.
Денеска свидетелства се даваа во ОУ „Димо Хаџи Димов“.
Учениците оваа учебна година ќе бидат ослободени од протоколите кои беа на сила минатата година, но се уште е непознато дали ќе можат да се комбинираат повеќе одделенија на пример при одржување на часот по физичко образование, како што беше случај пред пандемијата.
Наставата од новата учебна 2022/2023 година ќе се реализира во отворени училишта и без антиковид-протоколи и обврска за носење заштитни маски.
-Засега не се предвидуваат никакви дополнителни превентивни мерки, освен оние што се актуелни и во сила – за болниците, јавниот превоз, аптеките и за домовите за стари лица. Конкретно за училиштата, засега нема, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.