МОН: Од понеделник почнува пријавувањето за сместување во студентските домови

Студентски дом „Гоце Делчев”

Министерството за образование и наука (МОН) вчера го распиша конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за учебната 2023/2024 година.

За студентите за оваа учебна година се предвидени вкупно 4.480 легла, од кои 1.093 места се за студентите во прва година, додека останатите легла се за студенти од втора и повисоките години.

Најмногу слободни места има во студентскиот дом „Гоце Делчев” во Скопје – вкупно 1.176 легла, а потоа во студентскиот дом „Пелагонија”, исто така во Скопје, со 997 слободни места. Во едниствената од зградите што годинава ќе биде отворена за студенти во „Стив Наумов“ има вкупно 369 места, додека во бараките во истиот дом има места за 138 студенти.

Како што соопшти МОН, право на прием во дом имаат редовни студенти кои се државјани на Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење. Право на прием во државните студентски домови имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и тоа: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во земјава, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори и слично.

Право на прием, пак, немаат студентите кои се запишани по вторпат како апсолвенти, кои се запишани на постдипломски студии, кои не ги намириле обврските за сместување кон домовите повеќе од еден месец и кои го нарушиле куќниот ред во домот и за што им е изречена воспитна мерка забрана за користење на услугите во домот.

На студентите кај кои Комисијата за прием ќе констатира злоупотреба на добиеното легло, истото ќе им биде одземено и доделено на студент од листата на чекање за соодветниот дом.

Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот „е-услуги“ на МОН.

Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.

Рокот за пријавување на студентите од втора и повисоките години почнува од понеделник и трае до 31 јули, додека студентите од прва година – бруцошите ќе може да се пријавуваат од 1 до 11 септември.

Конечниот список за прием на студентите од повисоките години ќе се објави на 5 септември, а приговорите по резултатите се доставуваат во самиот дом каде што студентите имаат аплицирано во рок од 10 дена од денот на објавување на резултатите.

Списокот за прием на студенти-бруцоши ќе биде објавен на 30 септември, при што важат истите правила за поднесување приговор.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи сè до пополнување на истите, но најдоцна до 30 ноември, информираат од МОН на чија страница има повеќе информации, како и потребната документација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот