Младите од Пелагонија јавно проговорија колку зависноста од социјалните мрежи им го нарушува менталното здравје

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Синоќа во Битола, голем интерес кај младите од Битола и Пелагонија предизвика јавната дебата за менталното здравје кај младите на тема: Интернет-кој кого користи, јас него или тој мене?!

Целта на дебатата беше менталното здравје во Пелагонија да не биде повеќе табу-тема.

-Младите од Пелагонија самите побараа јавно да се зборува за менталното здравје. Во нашето здружение „Про локал“ во рамките на проектот зајакнување на луѓето од Пелагонија што го реализираме со уште десет други граѓански организации во најмала рака бевме изненадени бидејќи меѓу темите што можеа да се дебатираат беа некои кои мислевме дека се до нив поблиски како иселувањето на младите во Пелагонскиот регион, сајбер булингот, но кога младите ја избраа оваа тема, само по неколку месеци се случија трагичните настани во Србија и видовме дека тоа е една голема грижа која се провлекува во нивниот секојдневен живот. Младите не се чувствуваат слободни да ги изразат нивните ментални состојби, нивните емоции и да зборуваат отворено со најблиските-рече на дебатата Емилиа Ѓероска од Здружението „Про локал“ од Битола.

Доколку младите поминуваат повеќе од пет часа на интернет тогаш интернетот ги користи младите а не тие него, истакнаа на дебатата психолозите.

-Таа зависност предизвикува кај младите наместо своите потенцијали и компетенции да ги развиваат правилно, младите во интернетот, социјалните мрежи прават бегство од реалноста, тој на почетокот има смирувачки карактер но, подоцна ги отуѓува луѓето, ги губат своите желби, цели и го живеат животот од денес за утре-вели Станислав Петковски специјалист по клиничка психологија, психотерапевт.

-Многу време поминувам на социјалните мрежи, тоа ми стана професионална определба, но мојата порака до младите е тоа да го прават умерено и да постават граници во кој било контекст кога се во прашање социјалните мрежи или воопшто интернетот. На социјалните мрежи доста често гледаме шунд наместо квалитет и тој шунд се наметнува дека треба да биде модерен во денешно време и сметам дека младите треба да ги постават границите и да увидат што е добро, а што не е добро од користењето на социјалните мрежи-истакна на дебатата во Битола, Миа Костова инфлуенсерка.

На синоќешната јавна дебата во Офицерскиот дом во Битола, психолозите апелираа до младите да бидат храбри и да побараат пристап до бесплатно психолошко советување, бидејќи 35 проценти од младите во Македонија страдаат од анксиозност, 30 проценти страдаат од депресија која зема замав во денешниот современ начин на живот.

Младите кои постојано се на социјалните мрежи доаѓаат во ситуација, да се затворат во себе, и се почесто неместо ведрина на нивните лица, да имаат замислен поглед, велат психолозите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот