
Министерството за спорт му порача на Јакимовски да не ја прикрива неспособноста со протести и навредливи изјави
Како што тврдат од Министерството, иницирале процес за враќање на салата „Партизан“ откако утврдиле дека објектот не е ставен во функција речиси една година, а со цел да се санираат сите недостатоци и салата да биде ставена во полн капацитет на располагање на граѓаните.
Во врска со изјавите и обвинувањата упатени од градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, Министерството за спорт смета дека јавноста заслужува целосна и прецизна информација за вистинската состојба со спортската сала „Наум Наумовски Борче“ и му порачува на Јакимовски да не се обидува да ја прикрие својата неспособност да управува со спортската сала со некакви „протести“ и изјави кои изобилуваат со навреди, наспроти фактот дека цела година не успеал да ја стави салата во функција, иако тој го потпишал примопредавањето на реконструираниот објект со извршен технички прием.
Препорачано
Наместо спортската сала во која се вложени државни пари за нејзина реконструкција да биде ставена во функција на спортистите и на граѓаните, жителите на Карпош добиваат изговори, навреди и обиди за манипулација со јавноста. Дали и зад овие обиди за манипулација на јавноста не стојат некои бизнис зделки по кои градоначалникот е добро познат и за кои веќе има судска одлука? Упатуваме јасна порака до жителите на општина Карпош дека може да бидат мирни. Спортската сала „Наум Наумовски Борче“ ќе биде санирана, сите оштетувања настанати бидејќи салата цела година стои затворена, ќе бидат отстранети и таа ќе биде пуштена во употреба, односно ќе биде ставена на располагање на граѓаните и на спортските субјекти, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека спортската сала е во државна сопственост и државата одлучува кому ќе му биде дадена на користење, односно ќе биде одземено тоа право доколку не се испочитувани обврските од договорот. Како што тврдат, иницирале процес на враќање откако утврдиле дека објектот не е ставен во функција речиси една година, а со цел да се санираат сите недостатоци и салата да биде ставена во полн капацитет на располагање на граѓаните.
Во меѓувреме, Министерството за спорт јавно го прашува градоначалникот Стевчо Јакимовски: Дали е вистина дека имал намера да отвори кафетерија во просториите на салата и дека веќе има земено депозит? Дали е вистина дека веќе има договорено со нему блиски луѓе, да им бидат дадени на користење деловни простории во салата? Дали е вистина дека постоел план тој лично да користи дел од објектот? Дали е вистина дека планирал во салата да му биде партискиот штаб за локалните избори? Наместо со прес-конференции полни со празни фрази и обвинувања, очекуваме одговори и отчетност. Граѓаните на Карпош имаат право да знаат зошто една готова, реконструирана сала за која се потрошени 1.3 милион евра државни пари, стоела затворена, и што всушност било планирано да се случува во неа, се вели во соопштението од Министерството за спорт.