Министерството за образование и наука објави повик за аплицирање за субвенциониран студентски оброк

Фото: Министерство за образование и наука

Министерството за образование и наука објави повик за студентите за субвенциониран оброк за академската 2023/2024 година. Рокот за пријавување за тековните студенти е од денеска до 10 август 2023 година, а кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, можат да се пријават од 1 до 7 октомври 2023.

Дневниот износ на студентскиот оброк е 140 денари, а студентите кои ќе се стекнат со право на субвенциониран оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка.

Право на субвенциониран оброк имаат редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, кои не се во редовен работен однос; не се регистрирани како индивидуални земјоделци и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во државава за тековната година. Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од МОН за купување приготвена храна. Корисникот има право на оваа услуга од понеделник до сабота и доколку во тој период не го искористат правото на субвенционирање студентски оброк, износот од субвенцијата не му се префрла во наредниот ден. Субвенциониран студентски оброк не може да се користи од 1 јули до 1 октомври во годината во која корисникот го стекнал тоа право, како и за време на државни празници и неработни денови – велат од МОН.

Пријавувањето се одвива електронски на Е-услуги. Се пополнуваат обрасците Пријава за стекнување право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација преку која се пријавуваат.

Од МОН информираат дека  во секој месец од академската 2023/2024, во деновите од 1 до 7 во месецот, ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на ова право или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во овој повик.

Министерството го испишува лицето од евиденцијата на корисници на субвенциониран студентски оброк кога ќе утврди дека повеќе не ги исполнува условите за користење на субвенциониран студентски оброк. По извршената проверка на податоците за студентите кои ги исполнуваат условите од јавниот повик исплатата ќе се врши ретроактивно за периодот кој почнува од 15 септември па натаму се додека студентот ги исполнува условите согласно овој јавен повик, се наведува во објавениот повик.

Студентскиот оброк од октомври ќе се исплаќа преку наменска платежна картичка

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот