Министерство за сајбербезбедност

Марин Гавриловски

Час поскоро, особено кога се потребни уште и уште министерски места за задоволување на коалициски партнери, треба да се размисли за формирање министерство за сајберзаштита, кое сериозно би се зафатило со овие прашања за да не се разбудиме некое утро и да прочитаме дека руските тенкови влегле во Скопје.

Живееме во ерата на поствистината, во време кога не можеме со сигурност да им веруваме ниту на нашите очи ниту на нашите уши и во кое никогаш не сме сигурни дека информацијата која е пред нас е точна и вистинита.

Со развојот на модерните технологии интернетот стана отворена сцена, неограничен простор во кој секој може да го презентира она што смета дека треба да ѝ го претстави на јавноста, светската јавност, бидејќи само една објава на Фејсбук или на Инстаграм во истиот момент е глобално достапна на секој оној кој може да пристапи на интернет.

Оваа состојба е искористена, помеѓу другите, и од оние што сакаат преку креирањето на јавното мислење да го насочат размислувањето на граѓанството во една или во друга насока. Оваа активност, во минатото позната како пропаганда, е доведена до совршенство во дваесеттиот век, од страна на Јозеф Гебелс кој во Хитлерова Германија бил неприкосновениот господар на информациите, и за време на комунизмот, каде во источниот блок комитетите познати под кратенката Агитпроп одлучувале што ќе слушнат и ќе видат нивните граѓани. Ова се двата најкарактеристични системи на кои нужно им било потребно авторитарно креирање на јавно мнение различно од реалноста во која живееле граѓаните, се разбира, за остварување на режимските „повисоки“ цели.

Развојот на современите системи за комуникација во голема мера го трансформираше начинот на кој пропагандата и креирањето на јавното мнение стигнуваат до главите на оние чии мисли треба да се насочат во одредена насока.

Македонија е плодна почва на која многу лесно може да се влијае врз начинот на размислување на нашите граѓани. Тоа е така поради нискиот степен на образование на граѓаните, слабиот образовен систем кој во изминативе триесетина години не направи од младите слободоумно мислечки луѓе што самостојно можат критички да ја анализираат општествената стварност и притоа сами да донесат заклучоци и да изградат ставови за одредени прашања. Дигиталната писменост е мислена именка за нашето граѓанство.

Работите кои ни се случуваа во блиското минато, а продолжено се случуваат и сега, само го потврдуваат ова тврдење. Големиот број известувања за поставени експлозивни направи во училиштата низ Македонија не беа дело на исплашени ученици кои неспремни за обврските во училиштето сакаа да ги избегнат. Станува збор за нешто многу посериозно, тоа беа добро испланирани акции на добро обучени сајберкриминалци кои одработуваат дали за пари или од идеолошки причини за одредени центри на моќ. На крајот се покажа дека дел од заканите доаѓаат од Русија. Техниката е толку развиена, што изворот на овие сајбернапади може и никогаш да не се открие. Тоа што на крајот, сепак, се лоцираа некаде во Русија, може да значи дека Русите свесно сакаат да покажат дека можат да ја контролираат ситуацијата и дека тие одлучуваат дали ќе бидат идентификувани или не. Пораката секако не е испратена до нашите власти, туку напротив, како да сакаат да испратат порака до НАТО дека во своите редови примиле земја што може многу лесно да се дестабилизира. Дотолку повеќе што слични анонимни напади имаше и во Црна Гора.

Руската сајбервојска во голема мера покажува дека е една од најсилните орудија на Путин. Тие имаа најверојатно и свое влијание дури и при изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Кога стигнале дотаму, многу е јасно колку лесен (а со самото тоа и не многу интересен) плен сме ние.

Неодамна ми беше споделена информација за активностите на оваа пропагандна машинерија во Полска. Имено, од страна на овие структури била направена, односно клонирана, веб-страницата на  одредена полска општина, на која потоа била поставена лажна вест дека Советот на општината донел одлука некоја улица во градот што била именувана во чест на ослободителните активности на Црвената армија при ослободувањето на Полска за време на Втората светска војна била преименувана во Азовстал. Дури откако посебниот оддел во Министерството за внатрешни работи на Полска, кој се занимавал со сајбербезбедност, ја земал работата во свои раце, било утврдено дека станува збор за клонирање на страницата и објавување лажна вест со цел да предизвика негодување од страна на локалното население.

Исто така, позитивното расположение кај македонското население во државава кон Русија не е случајно. Во интернет пространството оперираат голем број фиктивни адреси, чија цел е секојдневно да нè бомбардираат со вести што се проруски, а против НАТО, Украина и воопшто против западниот свет. И, според старата добра изрека „илјада пати повторена лага станува вистина“, пополека се менува и се креира јавното мнение во полза на оние кои всушност ја почнаа оваа агресија и го доведоа светот на работ на трета светска војна. Здравиот разум на секој Македонец кој барем малку знае за историјата на својата земја, многу логично ќе донесе сосема поинаков заклучок. Русија, речиси никогаш не била на страната на Македонија и на македонската позиција кога се разговарало на масите прекриени со зелена чоја на кои се кроеле границите на модерна Европа. Санстефанска Бугарија, на пример, е креатура на руската политика, исто така и поддршката која Србите ја имале од Русија додека се обидувале да го асимилираат локалното население во Вардарскиот дел на Македонија.

И тука повторно се враќаме на образовниот систем што не е во можност да образува луѓе со критичко, логично размислување, кои доколку ги имаа предвид овие информации многу лесно би можеле да заклучат дека Македонија никогаш не била (барем не во позитивна смисла) дел од руската политика на Балканот. Така е и денес. Имено, ескалацијата на македонско-бугарските односи, која беше предизвикана од инцидентот со претепувањето на еден граѓанин на Република Северна Македонија со бугарско национално чувство, но без бугарско државјанство, од лице со бугарско и со македонско државјанство, а со македонско национално чувство, не е случајна. Да се влошат односите помеѓу двете земји поради еден минорен лик кој до вчера се сликал со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а од денес се слика со бугарски парламентарци и лидери на пропаднати политички партии, е апсурд сам по себе. Уште кога на тоа ќе се додаде и наредбата на врховниот командант на бугарската војска олицетворен во пензионираниот генерал Румен Радев, според која се испрати посебен авион што го зеде на лекување минорниот лик кој случајно се најде во центарот на вниманието, како и повлекувањето на бугарскиот амбасадор на консултации во Софија, јасно кажува дека станува збор за некоја игра чија цел не е стабилизација на односите помеѓу балканските земји, напротив, идејата е токму спротивна, ескалација и нерешавање на проблематичните прашања помеѓу Македонија и Бугарија.

Сето ова зборува дека ние како држава сме многу фрагилни и подложни на манипулации и на заведување на граѓаните токму поради фатот што не сме имуни на вакви сајбервлијанија, како резултат на неспремноста на државата да се справи со оваа закана на дваесет и првиот век. Затоа, час поскоро, особено кога се потребни уште и уште министерски места за делења и за задоволување на потребите и на новите и на старите коалициски партнери, можеби треба да се размисли за потребата од формирање ново министерство за сајберзаштита, кое сериозно би се зафатило со овие прашања, да не се разбудиме некое утро и да прочитаме дека руските тенкови влегле во Скопје. Виртуелно или не, тогаш секако ќе биде предоцна да се преземе било што.

Борбата против лажните вести и наративи треба да биде една од примарните задачи на демократското општество; кога општеството не дискутира на форуми кои ги предвидува демократијата, земјата станува плодна почва за појава на опскурни ликови и се што оди со нив и со нивниот наратив. Патот до вистината не е тежок; најчесто треба да се соберат два и два. Но, и оваа едноставна математичка операција, се покажува, е катадневно претешка за нашето граѓанство.

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот