
Милиони Германци не можат да платат летување од седум дена
Летување од само седум дена за многу луѓе во Германија минатата година било недостижно. Повеќе од секое петто лице, поточно 21 отсто, според нивните сопствени изјави, живееле во домаќинство кое не можело да си го дозволи тоа, пишува ДПА.
Препорачано
Вкупно тоа е 17,4 милиони луѓе, како што пресметал Федералниот завод за статистика.
Сепак, уделот на оние коишто не можат да финансираат седумдневен летен одмор бил помал отколку во 2023 година, кога изнесувал 23 отсто.
Истовремено, на Германците одморот лани им бил подостапен отколку на просечен жител на Европската унија.
Во ЕУ лани, повеќе од една четвртина од населението – 27 отсто – живееле во домаќинства кои не можеле да платат за седумдневно патување, според податоците од европскиот завод за статистика Еуростат.
Особено често пари за летување им недостасува на самохраните родители, како што покажуваат податоците за Германија. Дури 38 отсто од оваа група не можеле да летуваат во 2024 година.
Уделот кај луѓето што живеат сами исто така бил над просекот – 29 отсто.
За семејствата со деца, можноста за финансирање на патувањето значително зависи од бројот на деца.
Така, 16 отсто од паровите со едно или две деца во Германија немале пари, додека тој удел кај домаќинствата со три или повеќе деца бил 29 отсто.
Во споредба со другите земји од ЕУ, луѓето во Романија ретко имале доволно пари за одмор – 59 отсто не можеле да си дозволат патување.
Релативно голем дел од оние без пари за летување имало и во Грција – 46 отсто и во Бугарија – 41 отсто.
Недостатокот на пари најмалку бил пречка во Луксембург, за девет отсто од луѓето, Шведска, 12 отсто и Холандија, за 13 отсто.