Милијардер со претседателски амбиции: Враќање на „отпишаниот“ Силвио Берлускони

Берлускони привлекува микрофони и камери каде и да се појави /Фото: EPA-EFE/FABIO FRUSTACI

Истрагите за „бунга-бунга“ забавите и обвинението за даночна измама нема да го спречат поранешниот премиер на Италија да се кандидира за претседател на изборите во јануари

Осумдесет и петгодишниот Силвио Берлускони, кој има најголем стаж на италијански премиер по Втората светска војна, планира својата животописна кариера да ја круниса со претседателската функција. Пратениците, сенаторите и претставници на италијанските региони идниот месец ќе го изберат новиот шеф на државата, кога на Серџо Матарела ќе му заврши седумгодишниот мандат. Првичните извештаи укажуваат на тоа дека десничарот Берлускони има и повеќе од изгледни шанси да победи ако успее да издејствува барем мала подрршка на левицата.

Улогата на претседателот во Италија е важна. Тој е политички арбитар и има овластување да именува премиери во време на политички кризи, какви што на „Чизмата“ има и отповеќе.

Берлускони има поддршка од десницата, чии партии Фратели Д’Италија и Лега од ден на ден имаат сѐ поголема поддршка од јавноста. Поранешниот премиер Џузепе Конти во понеделникот изјави дека неговото популистичко движење Чинкве стеле нема да го поддржи Берлускони.

– Доколку се кандидира, нема да ги добие нашите гласови – порача Конте.

Но, секогаш се случуваат чудни работи кога на Берлускони му се потребни дополнителни гласови и поради тоа никој не го отпишува Берлускони од претседателската кампања.

Кога во 2006 година умерените левичарски партии имаа тенко мнозинство, сенаторот Серџо де Грегорио ѝ се приклучи на десницата на Берлускони. Подоцна беше откриено дека тој добил 3 милиони евра за да ја напшушти својата партијаи му беше изречена казна од 20 месеци затвор поради примање мито.

Берлускони пред гласањето на локалните избори во октомври во Милано/Фото: EPA-EFE/Matteo Corner

Скандал мајстор во Квиринале?

Експертите сметаат дека една од целите на кандидатурата на Берлускони е да ги прочисти дамките од скандалите.

– Берлускони е неверојатна личност, многу контроверзна, но во исто време и важна. Тој не бара освета туку сака да биде рехабилитиран. Тој сака Италија да прифати дека беше државник, а не осуденик – вели Џонави Орсина, професор на римскиот универзитет Луис.

Иако животот му беше исполнет со скандали, Силвио Берлускони никогаш целосно не ја загуби довербата од јавноста и е последниот од „старата европска гарда“ што задржал политички амбиции. Поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој му беше сојузник на Берлускони, е осуден на една година затвор поради незаконско финансирање на предизборната кампања во 2012 година. Канцеларката Ангела Меркел, пак, која беше цел на сексистички испади на Берлускони, грациозно замина во пензија.

Многумина сметаат дека популарноста на Трамп и ерата на лажните вести се идеално поле за враќање и на популистичкиот шарм на Берлускони.

Лиа Куартапеле, пратеничка од Демократската партија, смета дека политичар со „квалитети“ на Берлускони не смее да стане претседател, особено поради ставовите за жените, за кои велеше „да седат дома и да бидат домаќинки“ и за маргинализираните групи, за кои кажа „подобро е да се сакаат убави жени отколку да се биде хомосексуалец“.

– Неговото поставување за претседател на Италија може да претстабува автогол за десницата. На Италија ѝ е потребно нешто поинаку од чекор назад и враќање во минатото – вели Куартапеле.

Витез со вулгарен шарм

Луѓето што лично го познаваат Берлускони, велат дека е исклучително забавен со „вулгарниот шарм“ и дека „има нос“ за бизнис. Антонио Тајани, кој со Берлускони во 1993 година ја формира партијата Форца Италија, вели дека следбениците го нарекуваат „Витез“.

– Берлускони е лидер како бизнисмен, лидер во фудбалот како сопственик на клубот Милан и е еден од најважните политичари во историјата на Италија, кој вредно и напорно работеше во корист на трансатлантските односи – објаснува Тајани.

Но, политичките достигнувања на Силвио Берлускони се засенети со бројните кривични пријави, за даночна измама како и за секс-забавите што ги нарекуваше „бунга-бунга“ и на кои се појавуваа и малолетнички. Иако беше ослободен од обвинението за ангажирање на малолетната Мароканка Руби за секс во својата палата, Берлускони сè уште со соочува со две обвинувања за подмитување сведоци да молчат.

– За сѐ ова околу Силвио има многу гласини. Реалноста е поинаква од сликата што ја монтираат левичарските партии, медиуми и судии – одговараат неговите приврзанци.

Популарноста на Витезот е и последица на проширената перцепција меѓу Италијанците дека тој бил „жртва политизираното правосудство“.

Возраста би требало да е најмалата пречка за кандидатурата на Берлускони, кој ако победи на изборите на крајот од мандатот би имал 92 години.

– Погледнете ја само кралицата Елизабета Втора. Не се проблем годините туку умот. Силвио Берлускони не е само иднина, тој е и сегашност. И покрај постојаните напади, тој од 1994 па сѐ до денес е во центарот на политичките дебати. Тоа е победа за него – одговара Тајани.

Најголемо богатство на милијардерот – 14 внуци и правнук

Најголемото богатство на човекот со империја од 4 милијарди долари се огромното семејство. На петте деца и 14-те внуци од пред некој месец им се придружи и првата правнука – Оливија.

Берлускони е сопственик на 61 отсто од акциите на „Фининвест холдинг“, кој работи во телевизиските, радио и кино секторите со „Медиасет“ и издаваштвото со „Мондадори“.  Ќерката Марина и синот Пјерсилвио поседуваат по 8 отсто од акциите и се директори на „Мондадори“ и на „Медиасет“. Барбара, Елеонора и Луиџи заедно поседуваат 21 отсто од акциите и се во Управниот одбор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот