Мицкоски: Треба да се промени владата, заедничко ДУИ и СДС се лажењето и лошите политики, а тоа се виде и во Извештајот на ЕК

Јас не би сакал да коментирам други политички партии бидејќи мислам дека тоа е нивна внатрешна и автентична работа. Се надевам дека набргу ќе ги надминат недоразбирањата кои ги имаат и дека ДУИ ќе биде политичка партија која ќе работи во интерес на граѓаните на Македонија, а не за сопствен, личен и партиски интерес, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање пред денешната промоција на весникот на УМС „Мегафон”.

Мицкоски посочи дека она што е заеднички именител за ДУИ и СДС во овој момент се лажењето, крадењето и лошите политики и дека на Македонија ѝ е потребна нова влада.

– Се надевам дека овие случувања таму тие ќе излезат поспремни и поамбициозни да работат навистина за граѓаните на Македонија без разлика дали тие граѓани се од опозицијата или власта, или без разлика дали се партиски определени или не, дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и останати, важно е во овие тешки времиња на граѓаните да им понудиме решенија за напластените проблемите, а такви ги има многу – рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека треба да се промени владата и дека парцијални промени во влада не се решение за проблемите.

– Колку побргу владата се промени и дојде нова влада која ќе го има народниот легитимитет, толку побргу на Македонија ќе и тргне, изјави Мицкоски.

За извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија тој посочи дека со него излегле на површина лагите на власта дека се фокусирани на европската агенда. Мицкоски додаде дека наместо на реформи, претставиците на власта се фокусирани на лажење и крадење и на потпишување на предавнички договори, по што се гледа дека во 35 поглавја не само што нема напредок, туку нотирано е назадување.

– Овој извештај е класичен пример на сите лаги на власта дека се фокусирани на европската агенда. Тие се фокусирани само на лажење и крадење и потпишување на предавнички договори. И претпоставувам во нивната матрица тоа претставува напредок кон Европската Унија. За разлика од вистината содржана во извештајот каде што повеќе од 35 поглавја констатирани се назадувања и тоа навистина е поразително за Македонија, за владата, за сите нас – истакна Мицкоски.

Мицкоски изрази надеж дека набргу оваа влада ќе биде минато и дека на чело на Македонија ќе дојде нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе ги води онака како што треба патот до членство во ЕУ.

Тој денеска присуствуваше на промоцијата на весникот на УМС „Мегафон“ и рече дека тоа за нив е исклучително значаен ден, бидејќи „овој нов часопис којшто денеска го има својот прв број многу значи за ВМРО-ДПМНЕ и за Унијата на млади сили“.

– Тука имам и јас на почетокот своја колумна во којашто велам дека поставуваме нов систем за којшто вреди да се бориш. И навистина вреди да се бориш. Унијата на млади сили секогаш ја имала мојата поддршка и ќе ја има, бидејќи верувам во младите не само како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, туку и како педагог, како човек којшто овие млади луѓе ги образува на универзитет и единствената желба мене како професор, како нивен педагог ми е децата да не ја напуштаат Македонија, да останат тука и тука да ја градат својата иднина. А ние повозрасните, малку поискусните да им го пренесеме нашето знаење и искуство и да направиме од Македонија подобро место за живеење. Или да бидам уште попрецизен, различно од се она коешто денеска за жал ние го живееме во Македонија и младите кои што го живеат во Македонија – речепретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот