
Мицкоски: Каматната стапка за заемот од Обединетото Кралство ќе биде под 4.5 проценти
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски соопшти дека вкупната каматна стапка за заемот од договорот со Обединетото Кралство ќе биде помала од маргината од 4,5 проценти бидејќи ќе се користи кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство, кој е тројно А, односно „најдоброто што државата може да го добие на пазарот во моментов“, како што вели тој.
Препорачано
Мицкоски истакна дека засега ова е информација која што со сигурност може да ја каже во јавноста од досега договореното, потенцирајќи дека финансиските услови сè уште не се целосно усогласени и дека нема отворен дијалог со никого за деталите.
На прашањето дали вкупната каматна стапка ќе биде во рамките на тековните проекции за државата, кои се движат од 4,5 до 6,5 проценти, Мицкоски одговори дека вкупната каматна стапка би била пониска од оваа долна граница, повторувајќи дека сè уште немаат отворено таков дијалог со никого.
-Во делот на финансиските аранжмани, ние имаме преговори со финансиски институции од таа земја и имаме од прилика структура колку би била каматната стапка за тој еден заем и би кажал дека е подоле од долната маргина што ја кажавте- изјави Мицкоски.
Но премиерот нагласи дека Владата нема да оди на директно потпишување договор со таа финансиска институција, туку тоа ќе го стори Министерството за финансии кое откако ќе добие барање за проект, ќе излезе на меѓународен пазар и ќе има конкурентен дијалог со 18-20 потенцијални кредитодаватели, меѓу кои и европските банки.
Финансиските услови сè уште не се докрај договорени, потенцираше Мицкоски, посочувајќи дека во случајот има петгодишен грејс период и првата фактура би доспеала на 1 јануари 2027 година и од тогаш ќе започне грејс периодот.
На прашањето дали договорот предвидува соработка во безбедноста и што тоа подразбира, Мицкоски одговори дека пред две недели на владина седница бил разгледан меморандум за разбирање меѓу Владата и британска компанија која е подготвена да инвестира во еден таков производствен капацитет меѓу 250-300 милиони евра, што годишно би носело од извоз околу половина милијарда евра.