Мицкоски и Груби во отворена „војна“

Груби и Мицкоски/ Фото: Колаж на СП

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер Артан Груби влегоа во отворена „војна“. Опозициската партија го обвинува Груби за криминал и корупција, односно дека човек близок до првиот вицепремиер добил акредитација за баждарење на пумпи, а директорка на институција што го овозможила тоа има непријавена хациенда. Од ДУИ возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ е криминално здружение и антиалбанска партија.

„Очигледно криминогеноста е главнаа врска на СДС и ДУИ во Владата. ДУИ и Груби наместо нервозно да реагираат треба на јавноста да ѝ објаснат како тоа шалтерски работник во семејната фирма на Груби станал сопственик на фирма за баждарење на бензиски пумпи Метролаб и истата таа фирма четири месеци од нејзиното формирање добила акредитација од Бирото за метереологија раководено од Мерита Мустафи, кадар на ДУИ? Како сопственикот на оваа фирма која влегува во вносен бизнис останал да работи уште извесно време како шалтерски работник во туристичката агенција на Груби? Дали Груби стои зад оваа опрација, а неговиот вработен е само параван“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партијата бараат Груби да одговори како дирекорка на Бирото за метереологија Мерита Мустафи се стекнала со луксузна хациенда на Попова Шапка со големина од 150м2 и истата не ја пријавила во анкетен лист?

„Како со чиновничка плата некој во Македонија може да се стекне со таков луксуз и зошто притоа тој луксуз не го пријавила? Дали не е пријавен тој имот затоа што тешко може да се докаже како е стекнат? Ги повикуваме надлежните институции да го проверат целиот овој октопод кој се врзува со Артан Груби. Ковачевски очигледно молчи и се плаши било што да прокоментира, бидејќи функцијата му е дадена под ќирија. Одговорност за криминалите на оваа власт на ДУИ, поддржана од СДС мора да има – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски пак, на Фејсбук објави дека корупцијата и криминалот се причина за помалку пари во буџетот, помалку за образованието, здравството, земјоделците, младите, пензионерите, помалку странски и домашни инвеститори, а повеќе иселување, помалку за спортот и културата, а повеќе за нови хациенди на корумпирани политичари во Македонија.

„Корупцијата и криминалот во владата на ДУИ подржана од СДСМ има епидемични големини. Македонија во 2015 година била на 38 место (слика 1), а во 2022 година е на 73 место (слика 2). Речиси за двојно е влошена состојбата со корупцијата“, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Од ДУИ возвратија дека судско потврденото криминално здружение ВМРО ДПМНЕ на Христијан Мицкоски прераснало во двигател на антиалбански наратив во општеството и дека се натпреварува со Левица на Апасиев во расистички напади.

Од ДУИ велат дека Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Мартин Протугер, Биљана Бошковска, Елизабета Чингаровска и многу други со јавно признание пред суд признале и потврдиле дека ВМРО ДПМНЕ на Мицкоски е криминално здружение и дека тоа го запечатил судот со пресуда.

„ВМРО ДПМНЕ на Мицкоски е единствена партија во земјава чиј целосен имот е замрзнат од судот поради признанието дека е криминално здружение. Во обид да го сокрие овој голем срам, скандалозно унапредениот син од татко му на факултет, Христијан Мицкоски, идеолошкиот партнер на Додиќ, Јанша, Орбан и Апасиев, и политички хидро-бизнисмен, соработник со неговите бивши заменици и анти НАТО и анти ЕУ елементи во нашето општество, крои антиалбански наратив за да заличи на Левица на Апасиев и да придобие од неговата популарност кај екстремистички кругови – велат од ДУИ.

Според партијата на Али Ахмети, градоначалници на ВМРОДПМНЕ на Мицкоски, тврдат дека имаат насока од партискиот лидер – шпицен командант, да не издаваат потврди за легализација на домови на Албанци во нивните општини согласно законот и под никакви услови да не агажираат компании на Албанци во нивните општини како и да не издаваат дозволи за градби поради расистички демографски политики.

„ВМРО ДПМНЕ на Мицкоски е синоним на корупција, блокада и заложништво, тоа го потврди Судот, признанијата и Данела Арсовска, но и целосната меѓународна изолираност на ова ВМРО ДПМНЕ. Најголема корупција е да ја држиш својата држава и својот народ во изолација и во постојани меѓуетнички тензии. Шпицниот командант Мицкоски како и Апасиев во нивните сограѓани Албанци гледаат само подредени граѓани, граѓани од втор ред, Албанци кои не смеат да бидат на високи државнии позиции. Единствената слика што ја поседува и ја објави шпицниот командант со калашников в раце е порака кон Албанците. Ова не поминува, не го поддржуваат граѓаните“, велат од ДУИ и ги повикуваат членовите на ВМРО ДПМНЕ да се дистанцираат од расистичките и изолациски анти НАТО и анти ЕУ политики на шпицниот командант и да ја одвратат партијата од овие погубни политики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот