Металната конструкција пристигна, се работи фасадата на Универзална сала

Како ќе изгледа обновената Универзална сала. / Фото: Град Скопје

Шилегов очекува наредната концертна сезона, обновената Универзална сала да ги отвори вратите за посетителите.

Пристигна металната конструкција со чие поставување ќе се овозможи брзо завршување на надворешноста, односно на фасадата на Универзална сала, чија реконструкција е во тек.

Градоначалникот Петре Шилегов вели дека карактерот на  објектот е таков што прво мора да се сработи надворешноста, зашто објектот е монтажен, за потоа да се работи внатре. Тој очекува работите на фасадата да завршат во наредните 40-на дена, па скопјани на почетокот на октомври да ја видат новата надворешност, до кога ќе биде готов и дел од ентериерот на салата.

Реконструкцијата на култната Универзална сала, за која имаше различни идеи како да се обнови, па дури и идеи за нејзино уривање, ќе се изведе во постојниот облик и габарит, при што ќе се задржи автентичниот изглед на омилениот објект за скопјани, симбол на постземјотресно Скопје. Проектот за реконструкција е изработен и е донација за Градот од архитектот Бујар Муча.

-Во изминатите два месеца работевме на фундаментите, на поставувањето нови темели кои можат да ја носат целата оваа конструкција која беше предмет и на сеизмолошки испитувања за да не се наруши статиката и стабилноста на објектот. Ова се всушност носечките столбови на новата Универзална сала – рече градоначалникот Петре Шилегов.

Тој објасни дека со реконструкцијата целосно ќе биде обновена внатрешноста, фоајето и влезниот дел на Универзалната сала, целосно ќе биде обновена надворешноста, објектот ќе стане енергетски ефикасен, ќе има сериозна интервенција во машинскиот дел, во сценскиот дел и делот на техниката.

-Мојата крајна цел е ние што имаме спомени од Универзална да им овозможиме на идните генерации да создадат свои спомени од новата Универзална сала. Сакам да нагласам дека по 50 години чекање, конечно дочекавме целосна реконструкција на Универзалната сала што значи дека, според начинот на кој сега работиме, Скопје во наредните 50 години нема да има потреба од нова концертна сала со ваков обем – нагласи Шилегов.

Реконструкцијата на надворешноста на салата изнесува 1,9 милиони евра, а за да се опреми и внатрешноста, според градоначалникот, се потребни дополнителни средства кои што се веќе обезбедени од Владата. Шилегов очекува наредната концертна сезона, обновената Универзална сала да ги отвори вратите за посетителите.

Култниот објект за скопјани, Универзалната сала, започнала да се гради непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, а започнала со работа на 1 јануари 1966 година.

Објектот се карактеризираше со одлични сценски и капацитетски услови, заедно со сите придружни функции на објектот, во амфитеатрална поставеност на гледалиштето, кои овозможуваат оптимални услови публиката да ја следи реализацијата на концертите на сериозна, забавна, фолклорна, етно, блуз и џез музика, поетски манифестации, драмски претстави, модни ревии, презентации, конгреси, советувања, трибини, спортски манифестации и други приредби.

Поради руинираност и дотраеност и потреба од итна санација, Универзална сала е затворена од 2015 година. Градоначалникот Шилегов деновиве на Фејсбук сподели фотографии како ќе изгледа внатрешноста на салата по реконструкцијата, а скопјани со нетрпение го очекуваат нејзиното завршување за повторно да уживаат во концерти, претстави и други културни настани кои во иднина ќе се одржуваат во неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот