Меѓаши: Секое трето дете во Македонија е со нарушено ментално здравје

Деца Фото: Меѓаши
Деца Фото: Меѓаши

Дури 35 отсто од вкупните дојави на Ало Бушавко телефонот во текот на изминатата година се резултат на нарушено ментално здравје на децата. Но, тоа е само еден од повеќето поразителни наоди од извештајот за работата на Ало Бушавко – телефонот за деца и млади 070 390 632 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши за 2022 година.

Претседателот и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши Драги Змијанац, на вчерашната презентација на извештајот, покрај овој, како втор голем проблем го посочи врсничкото насилство, кое, како што рече, е присутно до таа мера што некои родители планираат, поради тоа, да се отселат од своите сегашни средини. А сиромаштијата, која во извештајот како проблем е рангирана на третото место, и понатаму силно ги погодува децата и младите во земјава.

Според податоците што ги презентираше Клементина Добревска, психолог – координаторка на Ало Бушавко, телефонот за деца и млади во текот на минатата гoдина ѕвонел 357 пати.

– Во текот на 2022 година, заклучно со 27 декември, добиени се вкупно 357 дојави, со кои дополнително се остварени 619 разговори. Вкупниот број на деца и млади кои се опфатени со дојавите изнесува 450. И покрај тоа што бројот на деца кои нè контактирале не е голем, сепак споредено со минатите две години се забележуваат поголем број деца и млади кои директно нѐ контактираат – заклучи таа.

Потсетувајќи дека 2022 година ја обележаа повеќе немили настани, вклучително и трагичниот случај на изгубен живот на средношколец, Добревска констатира дека размерот во кој овој настан резонираше и ефектите што ги предизвика пред се меѓу децата и младите за жал ниту стручната јавност ниту пак надлежните структури не ги аморитизираа ниту се направија напори да се испитаат условите, можните чинители за повторна појава на слични случки за да може да се направат стратегии за превенција.

– Напротив, на овој стресен настан се надоврзаа најавите на поставени бомби во повеќе средни училишта низ градот, тренд кој за жал се до моментот на подготовка на овој извештај трае. Сето ова придонесува кон креирање голем број стресори за менталното здравје и зголемување на ранливоста на сите, но особено на децата и младите. Не случајно во таков општествен контекст, на прво место на проблеми или причини заради кои се јавиле на Ало Бушавко во изминатата година се последици врз нарушено ментално здравје на децата, дури 35% од вкупните дојави, а тоа значи дека секое трето дете има нарушено ментално здравје – изјави координаторката.

Меѓу причините за ваквата состојба, според неа, дополнително придонесуваат и нарушените родителски односи, бракоразводните постапки и несогласувањата меѓу родителите, проблемите кои се јавувааат при доделување старателство, како и исплаќање алиментација.

– Податоците говорат дека прекршувањата на правата на детето при бракоразводна постапка се еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата и нивните семејства, а ова ни укажува на фактот дека потребно е подобро и поквалитетно регулирање на семејните односи и поголемо внимание и поддршка од страна на надлежните институции со цел да се превенираат дополнителни кршења на детските права – се вели во извештајот.

Податоците од извештајот покажуваат дека многу деца се во ризик од насилство особено од меѓуврсничко насилство со што се влијае на нивниот оптимален психофизички развој. Телесното казнување сè уште доминира како начин за воспитување на децата, покрај психолошката трага што тоа ја остава врз децата за цел живот.

– Имаме сознанија дека проблемот со меѓуврсничкото насилство е голем до тој степен што некои од родителите планираат да се отселат од Македонија токму поради тој проблем – се потенцира во извештајот.

Во однос на другите облици на насилство, емоционалното насилство за оваа 2022 година котира високо на првото место како причина за зачестеност на повиците од оваа категорија.

Во овој годишен извештај иако во мал број во споредба со останатите подкатегории не е исклучена ниту сексуалната злоупотреба на децата. Покрај тоа, животните перспективи на децата во Македонија се засегнати заради изложеноста на сиромаштија.

– Голем број деца со своите семејства живеат на работ на егзистенција, при што нивните детски права се сериозно загрозени. Кога зборуваме за суштински потреби, зборуваме за изложеноста на несоодветни услови за живот кои го попречуваат оптималниот раст и развој на децата. Сиромаштијата им штети на децата и преку негативните ефекти врз нивните семејства со тоа што на децата не им се посветува доволно внимание од страна на родителите кои се приморани да работат по неколку работи, некои од децата често се принудени и на питање, со што се зголемува можноста да станат жртви на најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд – заклучија истражувачите.

Понатаму, како конкретен пример за големите страдања на децата се наведува и тоа дека, поради неефикасноста на системот да лоцира хакер којшто секојдневно вознемирувал едно семејство со малолетно дете, споделувајќи несоодветна и порнографска содржина на нивните познаници и пријатели, детето на возраст од 13 години како последица од преголем стрес завршило на психијатрија поради појава на тикови.

Имало и повеќе дојави за физичко насилство од страна на спортските тренери ширум Македонија.

– Многу деца нема да можат да ја исполнат својата животна желба како успешни спортист(к)и поради недоличното однесување и неетичкиот кодекс на нивните тренери. Поради емоционалното и/или физичкото насилство овие малолетни деца освен со физички повреди се здобиле и со автоимуни заболувања, намалена самодоверба и одбивност кон спортот како последица од стресот и анксиозноста за време на тренинзите – се вели во извештајот.

Поради нерегуларноста на надлежните институции и следењето на законските прописи и процедури, едно семејство, според наведеното, нема никогаш да ја дознае вистината поради која го загубиле своето 16 годишно дете во сообраќајна незгода.

– Поради истата причина, родителите се сомневаат на трговија со детски органи. Возачот кој го сторил делото, не одликува на описот од сведоците и истиот се здобил само со условна казна – тврдат истражувачите.

Во извештајот се посочува и на случајот на 14-годишно дете, „кое повеќе нема да ја има истата самодоверба и добросостојба бидејќи било изманипулирано од свои врсници и сексуално злоупотребено, при што трето лице видео снимката од настанот масовно ја споделува на социјалните мрежи“.

Од Меѓаши на надлежните им упатија и редица препораки за подобрување на менталното здравје, безбедноста, јакнење на советдовната улога на центрите за социјална работа во делот на семејните односи и за поголемо доближување на Ало Бушавко телефонот до децата и младите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот