Меѓаши: Децата жртви да се поштедат од дополнителни „институционални“ трауми

Сексуално злоупотребување илустрација/ Фото Top Channel

Тенка е границата помеѓу намерата да се пружи помош и (не)свесна секундарна виктимизација. Сите чинители во општеството засегнати во овој случај треба да бидат повеќе од внимателни поради сензитивноста, велат психолози по случајот со малолетничката од Прилеп

Сексуалната злоупотреба на децата е една од најтешките злоупотреби, најголемо прекршување на детските права, нагласуваат за „Слободен печат“ психолози од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, по случајот во кој малолетничка од Прилеп во училиштето пријавила дека хигиеничарот неприкладно ја допирал.

Психолозите се децидни дека е алармантно тоа што децата од страв и закани од педофили што ја злоупотребуваат службената должност, молчат и не ја пријавуваат сексуалната злоупотреба. Според психолозите, она што може да се направи сега е таа да добие поддршка од семејството, врсниците, од училиштето и од други лица што се дел од нејзиното опкружување.

„Тенка е границата помеѓу намерата да се пружи помош/поддршка и (не)свесна секундарна виктимизација. Во овој контекст, сите чинители во општеството засегнати во овој случај треба да бидат повеќе од внимателни за сензитивноста на информациите. Наставниот кадар, стручните служби во училиштата треба да располагаат со потребните знаења и вештини, да се обучени како да идентификуваат и како да постапуваат во случаите на сексуална злоупотреба на деца, да не се плашат од одмазда доколку идентификуваат сексуална злоупотреба на дете и ако го пријават случајот. Исто така, треба да посредуваат при обезбедување дополнителна стручна помош и поддршка и на девојчето и на семејството. Стручните служби треба да работат и со целото одделение и класниот раководител зашто случајот неминовно влијае врз целото одделение, но треба и на ниво на училиште да се организираат различни активности, да им се овозможи на сите ученици да разговараат за своите чувства, мисли што им поминуваат“, велат од Меѓаши.

Оттаму додаваат дека недозволиво е медиумите или кој било друг да земаат изјави од деца жртви. И при судска постапка треба да бидат заштитени од соочување со злосторникот.

„Изјавата што детето ќе ја даде во судот треба да биде во присуство на судија, психолог, педагог и лице од центрите за социјална работа во специјална скрин соба, со цел да се спречи дополнителна виктимизација од институциите. Да се биде сведок како жртва на злосторство, а потоа да се учествува во судска расправа е многу тешко искуство за возрасни луѓе, а уште потешко за децата. Самиот чин за детето претставува срам, а понекогаш се чувствува и виновно, изгубено, исплашено и напуштено, плашејќи се дека нема да ги исполни очекувањата на возрасните“, велат од психолошкиот тим на Првата детска амбасада.

Психолози од „Меѓаши“ велат дека овој вид насилство може да има исклучително штетни психолошки последици за жртвата.

„Најчестите знаци се чувство на срам, вина, немир, чувство на слабост, страв, губење на самодовербата, невротски реакции, депресивност, анксиозност, напади на паника, нарушување на спиењето, ноќни кошмари, нарушувања во исхраната, посттрауматско стресно нарушување. Покрај емоционалните реакции и последици од доживеаното насилство, жртвите имаат честопати последици и врз телесното здравје, како физички повреди, психосоматски заболувања, несакана бременост, сексуално преносливи болести“, вели психолошкиот тим на Меѓаши.

Тие додаваат дека улогата на родителите во надминувањето на траумата на детето е исклучително голема. Родителите, не прифаќајќи ја ситуацијата, често несвесно придонесуваат за развој на посттрауматски синдром.

„Има и родители што ги обвинуваат своите деца за тоа што се случило. Важно е да се знае дека детето во сексуална интеракција со возрасен не може да биде виновно, бидејќи неговиот психолошки ресурс е очигледно помал од оној на возрасните. Одговорноста за каква било форма на насилство врз детето е секогаш кај возрасниот. Ниту едно дете не смее да биде жртва на насилство, особено не сексуално“, велат од Меѓаши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот