Медицинарите се жалат: Имаме „сестри“ што не разликуваат катетер од инфузија!

Фото: Драган Митрески

Проблемот не е во луѓето. Страшно е што ги покажуваме со прст, тие само го користат она што им го овозможил законот и државата. Не може да им се одземе уставното право вонредно да се образоваат, но треба да се постават нормите за квалитетот на тоа школување – велат искусните сестри.

Медицинските сестри кои завршиле само шестмесечен курс, без средно медицинско училиште, а потоа се вработиле во некоја здравствена установа, немаат доволно знаење и практична обука, па повеќе им претставуваат товар на обучените медицински сестри отколку помош, велат искусни медицински сестри, лекари, како и професори во струката.

Овие сестри со курс најчесто претходно завршиле средно училиште за фризерки, готвачки или некоја друга струка, а потоа се преквалификувале со дополагање на околу дваесет стручни предмети. Тие потоа може да се вработат во странство, во старски домови или во државните клиники, се грижат дури и за пациенти со ковид. Искусните сестри велат дека тие немаат ниту доволно обука ниту знаење, па помошта од нив е многу мала. Проблемот е во тоа што практиката што ја одбиваат, не се спроведува како што треба.

– Ни доаѓаат медицински сестри кои не знаат да разликуваат катетер од инфузија – вели долгогодишна медицинска сестра со високо образование, вработена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

„Слободен печат“ се јави во една од установите каде што се организира вонредно полагање за преквалификација на дипломата. Ни кажаа за 24 часа да донесеме извод од родените, свидетелства од сите четири години средно образование, венчаница, доколку сме во брак и дека веќе во сабота ќе може да се вклучиме во вонредното полагање на предметите што ни недостасуваат. Секој месец се полагаат три стручни предмети, на пример анатомија, физиологија и хигиена, а на крајот следува шестмесечна практика. После тоа, како што ни кажаа, ќе добиеме диплома како да сме завршиле во државното училиште „Мирко Милевски“ во Кичево.

Сестра Гордана Бешлиовска, со 29 години стаж и координатор на Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари, вели дека проблемот е во образовниот систем.

– Насекаде ги има овие кандидати и законски ја добиваат дипломата од училиштето. Проблемот не е во луѓето. Страшно е што ги покажуваме со прст, тие само го користат она што им го овозможил законот и државата. Не може да им се одземе уставното право вонредно да се образоваат, но треба да се постават нормите за квалитетот на тоа школување. Сметам дека нашиот профил не треба да се образува вонредно. Клиничката практика многу повеќе тежи од теоријата. Цели здравствени системи пропаднаа од курсистичко образование на медицинските сестри. Затоа и СЗО даде насоки на сите раководни структури да се инвестира во сестринското образование. Има меѓу тие луѓе исклучително добри сестри, но тоа се исклучоци – вели сестра Бешлиовска.

Овие медицински сестри што се преквалификуваат, ја имаат истата диплома како да завршиле средно медицинско училиште, а честопати и истите плати како долгогодишните сестри. Унијата бара да се донесе закон за сестринска дејност за да се направи диференцијација на профилите и да се дефинираат одговорностите.

– Проблемот не се преквалификациите и недостигот на практика. Тоа може да се надомести ако на секоја клиника постои медицинска сестра-тутор односно ментор или едукатор, која ќе биде две години одговорна за воведување на медицинските сестри во работниот процес, а за тоа ќе биде парично наградена – вели Гордана Димеска, одделенска сестра на интензивна нега на Клиниката за неврологија.

Претседателката на Комората на здравствени работници Вики Котевска вели дека треба да се сменат условите и законот да регулира по колку часа практична настава ваквите медицински сестри ќе имаат под менторство.

– Упорно инсистираме на закон за сестринска дејност. Со синдикатот и со здруженијата сме ги посетиле сите институции, кои не најдоа слух три години да ја решат оваа област. Ние сме единствената држава на Балканот која нема закон за вршење сестринска дејност. Со преквалификација на диплома, може некој да биде само асистент на сестра, а не медицинска сестра – вели Котевска за „Слободен печат“.

Во странство признаваат само дипломи од „Панче Караѓозов“?

Постои голема разлика меѓу квалитетот на кадрите што завршиле редовно средно училиште и тие што завршуваат вонредно, со преквалификација – вели професорка од Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје.

– И пазарот на трудот тоа го потврдува. Имаме ученици што работат во странство, но само средното образование во „Панче Караѓозов“ им го признаваат, освен ако не треба да работат во старски дом во Германија. Ученици од втора година имаат шест часа за нега на болен, многучасовна практика, сè што стои во книгата им се покажува визуелно, сè се покажува комплетно. Нормално дека ќе бидат поквалитетни од тие што не поминале таков систем – вели професорката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот