„Мажите ловат, а жените собираат храна“: Истражувањата покажуваат дека оваа теорија е целосно погрешна

Фото: Pixabay

Со години се сметаше дека има строги поделби во ловџиско-собирачките заедници, според кои мажите исклучиво се занимаваат со лов, а жените со собирање на храна. Но, дали сè што нè учеа е точно?

Меѓународен тим на истражувачи, предводен од научници од Универзитетот во Сиетл, одлучи да истражи неколку десетици антрополошки и етнолошки студии кои, во текот на изминатите 100 години, проучувале 63 заедници на ловџиско-собирачки заедници од Северна Америка, Африка, Азија и Австралија, пишува српскиот „Нејшнал џеографик“.

Фото: Wikimedia Commons

Нивната цел била да откријат обрасци на поделба на трудот во споменатите заедници и подетално да испитаат дали со лов се занимаваат исклучиво мажите, а жените со собирање на храна.
Се испоставило дека во лов учествуваат и жени, во дури 79 отсто од истражените заедници.

Она што е интересно е што статусот не им се променил откако добиле деца, но и тоа дека тие намерно учествувале во ловот. Тоа значи дека тие не ловеле додека собирале храна, туку дека намерно тргнале во потрага по поголем дивеч.

Фото: Pixabay/ hadzabe

„Жените одеа на лов со различни алатки, овој тренд беше забележан насекаде низ светот, и ако видат животно, ќе го убијат“, рече Вол Шефлер, еден од авторите на трудот.

„Бевме изненадени како повеќето заедници ги опишуваат жените како ловци и дека нема посебно табу за тоа“.

Забележано е и дека во оптек имале поголем број ловечки тактики како на пример фактот дека кучињата често им помагале во оваа задача. Што, според експертите, е доказ дека тие се подеднакво вешти во ловот како и мажите, и затоа поделбата на работните места по пол во заедниците на ловци-собирачи е неоснована.

„Преваленцијата на податоците за жените кои ловат, директно противречи на вообичаеното верување дека жените исклучиво собираат, додека мажите исклучиво ловат“, се вели во истражувачкиот труд.

Што значи дека добиените податоци може да се применат и во праисториските општества, бидејќи веќе постоеле индиции, како што е наодот за погребот на 9.000-годишна жена од Перу, покрај која биле поставени проектили кои биле користени за време на ловот.

Резултатите од истражувањето се објавени во „Плос уан“ (PLOS One).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот